Кривична пријава против тројца охриѓани за насилство и против двајца кои им помагале

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Насилство“ секторот за внатрешни работи Охрид, против А.Р.(29), Љ.Б.(24) и Н.Л.(21) од Охрид поднесе кривична пријава. На тројцата пријавени, истражен судија им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Со поднесената кривична пријава, опфатени се и А.К.(23) и Т.Б.(23) од Охрид, а во врска со казненото дело „Помагање сторител во извршено кривично дело“.

На први Мај оваа година, околу 17 часот и 30 минути во ресторантскиот дел од туристичкиот комплекс „Св.Наум“ сега притворениот А.Р.  најнапред вербално, а потоа и физички го нападнал Н.Р.(29) од Охрид удирајќи го со тупаници по целото тело. Во еден момент А.Р. употребил остар предмет со кој на Н.Р. му нанел повеќе повреди, расекотини по лицето и крвни подливи на главата. Во физичкиот напад и насилството врз Н.Р. веднаш се приклучиле и двајцата други сега притворени Љ.Б. и Н.Л. кои оштетениот го удирале со раце и нозе откако тој бил соборен и паднат на земја. 

За време на насилниот акт, пријавените А.К. и Т.Б. не им дозволувале на гостите во ресторантскиот комплекс да му помогнат на видно повредениот Н.Р. Тие ги попречувале и ги отргнувале гостите во намерата да го спречат насилството и да му помогнат на повреденото лице.

Откако избегале од комплексот „Св.Наум“, пријавените продолжиле со насилничкото однесување и нарушување на јавниот ред и мир  на улицата „Св.Климент Охридски“ во центарот на Охрид, а во ресторант на кеј „Маршал Тито“  извршиле оштетување на дел од инвентарот. 

Дел од пријавените се лица познати и осудувани сторители на повеќе казнени дела против кои и досега СВР Охрид поднесувала кривични и прекршочни пријави.