Колумна: Семејството и воспитувањето на детето

Динамиката на времето во кое живееме трасира нови врвици на сите релации вон нашиот живот. Науката во сите свои области врши нови продори и зафати и човештвото, сакало или не ќе мора да го усогласи и своето чекорење кон сето ново и прогресивно. Па сепак, педагошката наука, која се занимава со најделикатниот дел на општеството, со воспитувањето на децата кои ќе треба еден ден да се вклопат во тој вриеж на утрешнината, е испречена пред проблеми какви што ги немала никогаш порано. Вистина, и денешното дете е дете. Меѓутоа, воспитните фактори врз кои педагошката наука ја градела и спроведувала својата програма на воспитувањето на детето, се толку видоизменети што наложуваат и едно усогласување на нашата практика со сето ново што го наметнува денешнината, а уште повеќе утрешнината. И семејството и училиштето и сите други средини низ кои детето ги развива своите активности бараат и поставуваат од сите оние што се вклучени во воспитно-образовниот процес поголема подготвеност и одговорност во својата работа, како би се избегнале сите оние деформации и застранувања што неминовно се јавуваат ако тие фактори не бидат во состојба да го согледаат и прифатат современиот третман на детето. Детскиот период обично се нарекува период на игра. Со ова се сака да се истакне дека детето е уште дете, недоволно зрело физички и интелектуално за да може да обавува посериозни дејности. Играта претставува активен одмор со оглед на тоа што во играта субјектот чувствува задоволство, пријатност, чувство на радост.

Томчо Алексоски – педагог

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.