Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски оствари работна средба со Давид Петриашвили, одговорен за „хет трик“ програмата на УЕФА во одделот за развој на национални асоцијации и Маркус Келер, експерт на УЕФА и ФИФА за тревни подлоги. На состанокот во „куќата на фудбалот“ Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски детално ја презентираше програмата на ФФМ за изградба на 10 терени со вештачка трева во различни општини во нашата земја и го образложи планот и динамиката за остварување на проектот „10 терени со вештачка трева“ поддржан од европската фудбалска куќа. Фудбалската федерација на Македонија потпиша договори за соработка со општините во кои ќе се градат терените. Високиот гостин од УЕФА, Петриашвили изрази задоволство од начинот на кои ФФМ го подготви планот за изградба и динамиката на завршување на проектот, потенцираше дека на конкурсот за изградба на терените осум од девет фирми одбрани од УЕФА дале понуда за изградба, избрана е компанија која се смета за најпрофесионална во дејноста. Во делот кои УЕФА преку „хет-трик“ програмата го покрива влегува набавка и монтажа на трева и опрема за терените.