Општина Охрид и Националната установа Охридско Лето ќе соработуваат во областа на активностите поврзани со културата, со цел успешна реализација на Фестивалот како најголем културен настан и унапредување на условите за што поголеми уметнички дострели. Со ваква заложба денеска во Охрид директорката на најголемата музичко сценска манифестација Елизабеја Јанкуловска и градоначалникот Никола Бакрачески потпишаа Меморандум за соработка. И Јанкуловска и Бакрачески сметаат дека Охридско лето, круна на културната уметничка сцена каде се врежани имињата на најславните светски уметнички имиња е брендот на Охрид , градот кој преставува културен, духовен и туристички центар на Македонија.
„Ваквата соработка и координација помеѓу Локалната самоуправа во Охрид и НУ Охридско лето ќе допринесе да се реализираат уште многу нови проекти од областа на културата со што ќе се направи еден силен исчекор на културен план. Нашите заложби се Охрид да живее во текот на целата година, а не само во летниот период“, истакна Јанкуловска.
Охрид градот на УНЕСКО, и Фестивалот Охридско лето од 12-ти јули до 20-ти август, ќе бидат центарот на уметничките дострели, обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво, но и промотори на културниот туризам и културното наследство.
Градоначалникот Бакрачески истакна дека со овој меморандум ќе произлезат значајни активности и програма за понатамошната соработка помеѓу Општината и Охридско лето.
„Сакаме да ги дефинираме активностите кои ни престојат со цел подобра презентација на најголемиот музички настан во Охрид и Македонија. Во изминативе 2,5 месеци со директорот на Охридско лето и со службите на општината имавме состаноци на кои ги дефиниравме начините на соработка и механизмите за имплементација на организацијата“, истакна Бакрачески.
Установата и Општината ветија дека наредниот период ќе се стремат да го оправдаат епитетот на градот- најголемиот културен и духовен центар во Македонија. Ќе се стремат да бидат дел од најдоброто на светската уметничка сцена.
На денешната пресконференција беа промовирани и новитетите во делот на техничките достигнувања на Охридско лето. Кодвел и годинава останува верен пријател на Фестивалот а коосновачот на компанијата, Нино Карас ја најави мобилната апликација за потребите на Охридско лето која ќе работи на три платформи: Android, iOS и BlackBerry.
„Истата претставува комплетен дигитален водич за корисниците кои ќе бидат постојано инфомирани за сите новитети поврзани со фестивалот и програмата, а исто така апликацијата ќе нуди можност за социјална интеграција со Facebook, Twitter иYoutube“, истакна Карас.
Според маркетинг менаџерот на Охридско лето Илија Куртески, оваа апликација ќе биде лесна за користење и обезбедува одлично искуство преку динамичко информирање на корисниците.
„Она што ја прави оваа апликација уште поинтересна за користење се нејзините карактеристики и можноста најлојаните корисници да бидат наградувани со специјални промоции и попусти за фестивалот“, рече Куртески.
Во делот на новитети, од Охридско лето ја промовираа и редизајнираната веб страна и новиот насловен дизајн на Фестивалот кој и годинава е во знакот на современиот минималистички дизајн. Фестивалот и официјално ја објави комплетната уметничка програма на 53-то издание зедно со цените на влезните билети со што фестивалската публика годинава навремено ќе може да се информира за настапите на врвните уметници и реномирани театарски куќи.