Спектакуларно отворено 53 издание на „Охридско Лето“

Со спектакуларен настап на светски познатиот баритон, оперската ѕвезда од Русија, Дмитри Хворостовски, заедно со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Константин Орбелиан, синоќа во Античкиот театар во Охрид започна 53-то издание на „Охридско Лето“.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, кој традиционално се одржува под негово покровителство.

„Велат, уметноста е одраз на човековата душа. И додека човекот го користи огледалото за да го види сопствениот физички одраз, ја користи уметноста за да ѕирне во душата. Фестивалот „Охридско Лето“ е токму она големо културно и духовно огледало што ни помага да проникнеме во длабоката уметничка душа на Македонија, Европа и светот. Ни помага да уживаме во ариите на Верди, Бизе и Глинка, во мислите на Молиер, Шекспир и Достоевски. Ни овозможува да се збогатиме со старите, докажани, но и врвни современи музичко-сценски и драмски остварувања“, – истакна претседателот Иванов.

Фестивалскиот оган беше запален со интонирањето на химната на фестивалот.

WebOhrid