За време на туристичката сезона (Јули и Август) 2012 година, во Охрид и околните туристички локалитети имаше зголемено присуство и раздвиженост на поголем број домашни и странски туристи како и зголемена фрекфенција во сообраќајот. Оттука, во СВР Охрид во текот на Јули и Август 2012 година беа регистрирани зголемен број на казнени дела односно вкупно 150 што претставува зголемување за 34 проценти во однос на истиот период во 2011 година кога СВР Охрид евидентира 112 казнени дела.
Посебно е значајно што истовремено се зголеми откривачката функција на СВР Охрид што резултираше со расветлување на казнените дела и ефикасност од 48 проценти во реализацијата на кражбите и другите казнени дела. Откривачката ефикасност во истиот период (Јули и Август) во 2011 година изнесуваше 15 проценти.
За време на ланската туристичка сезона (Јули и Август), во СВР Охрид регистрирани се 13 казнени дела „Кражба“ и едно „Тешка кражба“ извршени на плажите.
Карактеристично за туристичката сезона е што казнените дела се извршуваат во згодна прилика кога годишноодморците своите предмети ги оставаат на плажите необезбедени и влегуваат на капење. Често кражбите се вршат кога вредни предмети се оставаат и на шанковите по угостителските објекти на плажите. Притоа, сторителите го користат невниманието и негрижата и одземаат паричници, мобилни телефони, фотоапарати, мали видео камери, неретко лаптоп компјутери како и други поситни предмети.
При расветлувањето на казнените дела, констатирано е дека еден поголем дел од сторителите се од Скопје, Прилеп и Битола. Карактеристично е дека за време на ланската туристичка сезона (Јули и Август), при службените активности повредени се пет полициски службеници што претставува зголемување во однос на истиот период во 2011 година кога биле регистрирани четири такви случаи. За време на ланската туристичка сезона, не се регистрирани тешки казнени дела против животот и телото.
Во текот на Јули оваа година, во СВР Охрид пријавени се десеттина кражби од плажи и моторни возила паркирани на паркинг простори околу плажите. Предмет на кражбите се паричници, мобилни телефони, фотоапарати, мали видео камери, неретко лаптоп компјутери како и други поситни предмети.
За време на туристичката сезона, по плажите постојано се присутни полициски службеници во цивилна облека како и велосипедската полициска патрола кои имаат проактивна но и реактивна улога. Тие имаат задача да ги превенираат кражбите но и да ги пронаоѓаат сторителите.
Со цел заштита од кражби, СВР Охрид презема повеќе превентивни проекти кои имаат едукативен карактер и значат запознавање на граѓаните со потребата од заштита на вредните предмети и другата лична сопственост што се остава по плажите. Проектите се реализираат преку отсекот за превенција и велосипедската полициска патрола, Црвениот крст од Охрид низ директен контакт и разговор со граѓаните и туристите низ градот и плажите, со давање кратки совети, давање флаери со пригодна содржина како и друг пропаганден материјал.
Проектот „Превенција од кражби“ е подржан од мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.