Бугарија го поддржува членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ, но и натаму инсистира на договорот за добрососедство и соработка, изјави на денешната заедничка прес-конференција бугарскиот премиер Пламен Орешански со премиерот Никола Груевски во пограничниот бугарски град Ќустендил по неформалната заедничка мини седница на владите на двете земји.
„Бугарија го поддржува членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ, како и на сите земји од Западен Балкан. Инсистираме на Договорот за добрососедство и соработка и се надеваме дека работата за тоа ќе продолжи со зголемено темпо. Му подвлеков на премиерот дека за надминување на постоечките недоразбирања добро би било да организираме заедничко чествување на одредени историски настани и личности кои различно се толкуваат во двете земји“, изјави Орешански.
Според него, определени разлики на политички и надворешно-политички план не треба да бидат никаква пречка за развој на меѓусебните односи на трговски план и на инфраструктурното поврзување што е важно за подобро живеење на двете земји.
Премиерот Груевски средбата ја оцени како значаен придонес кон заедничките напори за унапредување на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија од кои може да произлезат идеи, проекти и решенија, како и исчекори кои значително ќе ги развиваат релациите.
Покрај размената на мислења за подобрување на билатералната соработка на политички и економски план меѓу двете земји кои, вели, негуваат тадиционално пријателски и партнерски односи, во разговорите станало збор и за европската интеграција и за унапредување на односите на тој план.
„Заеднички беше констатирано дека постои простор за поголем ангажман во економската соработка и трговската размена. Ние сме предодредени за соработка на сите полиња од заеднички интерес за да направиме подобри услови за граѓаните на двете земји. Од интерес на Македонија и на Бугарија е воспоставувње на поокоординирана соработка и зголемен интензитет во приоритетните за реализација покрупни проекти кои кореспорендираат со Коридорот 8, а се однесуваат на железничко, енергетско и инфраструктурно поврзување“, рече Груевски.
Тој изрази надеж дека ваквите средби и директната комуникација на високо ниво ќе продолжат да бидат пракса во соработката меѓу Македонија и Бугарија.
„Се надевам дека заедничкиот дијалог ќе биде константен и дека ќе бележиме нагорен и конструктивен тренд во односите што ќе претставува силен импулс за јанкење на заемната доверба и почитување и за градење на заедничка европска и евроатлантска иднина на нашите две земји од која корист ќе имаат граѓаните и регионот во целина“, порача Груевски.
Оваа неформална заедничка мини владина седица на владите на Македонија и на Бугарија е подготовка за официјалната заедничка меѓувладина седница која треба да се одржи до крајот на годинава.
Македонија на почетокот од јуни одржа заедничка владина седница со Владата на Србија, а иницијатива за вакви заеднички седници од македонска страна се упатени и до властите во Албанија и во Косово. Целта на овој вид на средби е давање дополнителен импулс за унапредување на односите со државите во регионот.
На плоштадот пред зградата на општина Ќустендил, во која се случува средбата, протест одржува мала група од 10-тина припадници на партијата ВМРО на Красимир Каракачанов кои имаат истакнато антимакедонски пароли.