Министерството за финансии денеска на својата веб страница (http://www.finance.gov.mk/files/u1/Spogodba_so_RF_za_Juzen_Tek.pdf) го објави договорот со Руската Федерација за вклучување на Република Македонија во гасоводниот проект „Јужен тек“.
Со договорот се обезбедуваат сигурни количини гас за Македонија, што значи дека ќе се изгради крак кој ќе води кон земјава, што е единствен начин на дистрибуција на поголеми количини гас. Кракот кон Македонија ќе доаѓа од Србија или од Бугарија, што доплнително ќе биде договорено.
Македонија договорот со Руската Федерација го потпиша на 23-ти овој месец во Москва, а двете страни оценија дека тој е добра основа за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
По извесен период на преговори и подготовки Владата успеа во напорите Македонија да ја вклучи во овој проект, иако на почетокот не беше составен дел на „Јужен тек“.
Договорот е основа за натамошен развој на гасификацијата во Македонија, а значаен е и за економскиот развој на земјата бидејќи во иднина сите домаќинства и индустриски капацитети ќе можат да имаат пристап до природен гас.
„Јужен тек“ почна да се гради минатата година. Се очекува до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година тој проект целосно да биде завршен.