СДСМ: Пораката е јасна – доколку сте непослушни и барате правда, не ви гине затвор

„Раководството на ОО на СДСМ од Охрид јавно го изразува своето незадоволство од актите на мобинг и партиско-политичко насилство што новата општинска власт го спроведува врз вработените во локалната самуправа. Целта на ваквиот режимско-полициски третман врз сопствените работници е да се замолчат и дисциплинираат сите што не размислуваат како ВМРО-ДПМНЕ. Лицемерни се изјавите на локалната власт дека општинската администрација е гломазна, неефикасна и непродуктивна, а истовремено да се вработуваат и ангажираат со договори повеќе десетици нови лица – послушни партиски војници од партијата на власт. Инфантилни се објаснувањата дека платите на вработените, што не се државни службеници, се намалени за 10% поради заштеди во буџетот, а истовремено да се исплаќаат позамашни хонорари и плати на непотребно ангажирани нови работници. На голем број од работниците им се доделуваат работни задачи што не соодветствуваат на нивните работни места, без притоа да им се исплати ни динар за вишокот одработени саати. На голем дел од работниците упорно не им се доделуваат конкретни работни задачи од страна на новите раководители, за потоа да им се доделат лоши оценки, како предуслов за нивно бркање од работа. Градоначалникот во изборната кампања беше јасен и дециден во своите изјави – дека нема да брка од работа, туку дека ќе создава нови работни места. Сега манипулацијата излезе на видело – партиските неистомисленици во општинската администрација секојдневно се шиканираат, се омаловажуваат и врз нив континуирано се врши мобинг. Ужасно е сознанието дека поранешниот раководител на Секторот за туризам и ЛЕР со специјално возило вчера бил одведен од својот дом на информативен разговор во полицијата и држен цели 10 часа на испитување, од 3 часот попладне до 1 часот по полноќ наредниот ден, само затоа што бил посочен од наводен сведок дека вербално му се заканувал на секретарот на општината. Единствената причина за таквото режимско-полициско насилство на општинската власт е тоа што тој истиот секретар веќе бил пријавен за мобинг до соодветните државни институции од страна на поранешниот раководител. Пораката е јасна – доколку сте непослушни и барате правда, не ви гине затвор. Осветољубивоста, самобендисаноста и стравовладеењето на новата општинска власт ги преминаа сите граници. За сега, изживувањето врз сопствените работници е единствената реформа што ВМРО ДПМНЕ ја направи во општинската администрација“. – стои во реакцијата од ОО на СДСМ – Охрид.