Јубилеен концерт на „Охридско Лето“ – 50 години Музичка младина на Македонија

Во црквата Света Софија, вечерва со почеток од 21:00 часот во рамките на фестивалската програма на „Охридско Лето“ јубилеен концерт, 50 години Музичка младина на Македонија. 

Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија, под диригентската палка на Саша Николовски  Ѓумар и солистот  Катерина Бачевска – флејта ,  ќе изведат дела на Моцарт, Бах, Бритн, Сарасате, Пјацола, Шчедрин, Хајдрих.

Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија постои повеќе од 28 години и е основан како прв сегмент на летниот музички камп на Музичката младина на Македонија, во Охрид 1986 год. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа, составен од студенти на ФМУ Скопје, но и гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период на нивното опстојување имаат учествувано над 300 млади музичари.

„Со своето музицирање во сиот овој период Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Оркестарот има реализирано повеќе од 90 концерти, добивајќи голем број високо позитивни критики но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар оркестарот има изведувано дела од современи како и од македонски автори“, вели Александар Герасимовски генерален секретар на Музичката младина на Македонија. 

Музичката младина на Македонија е национална невладина организација која работи преку, со и за млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. МММ се стреми да ја охрабри и насочи потребата за директната комуникација меѓу младите и аудиториумот како со музиката, така и со други културни вредности. Создадена на уметничка и педагошка основа, МММ ги обединува младите без оглед на нивната политичка, религиозна, национална или јазична позадина, придонесувајќи за генерации млади кои ќе имаат космополитски, хуманистички пристап во својата индивидуална и глобална креативност и развој. Оформена пред точно 50 години МММ ги промовира овие принципи преку повеќе од 9.000 одржани  манифестации, концерти, мајсторски курсеви, курсеви за млади менаџери во културата, привлекувајќи над илјада уметници како солисти и над 7.000 учесници и програмски аниматори и организатори во различни ансамбли, проследени со милионски аудиториум. Цели 50 години Музичката младина на Македонија остварува голем циклус разновидни активности поврзани со дејноста на Камерниот оркестар на МММ – едниствениот од ваков вид во Југоисточна Европа, добитник на бројни награди и признанија.

Саша Николовски-Ѓумар се вбројува меѓу најзначајните уметници на денешната македонска музичка сцена. Од студентските денови на ФМУ – Скопје до денес тој настапува со сите најзначајни ансамбли во Република Македонија – Македонската Филхармонија, Македонската Опера и Балет, со хорот и симфонискиот оркестар на ФМУ- Скопје, на најзначајните фестивали и манифестации: Охридско Лето, Скопско Лето, Есенски музички свечености, Денови на македонската музика, Мајските Оперски вечери, ТЕХО и други. Остварил бројни гостувања во Бугарија, поранешна Југославија, Русија, Франција, Романија, Унгарија, Австрија. Саша Николовски-Ѓумар е добитник на повеќе награди и признанија. Раководејќи со овогодишната работа на Камерниот оркестар на МММ, диригентот со овој концерт прославува 20 години од својата уметничка дејност, која инаку ја започна токму со концертот на овој камерен оркестар.