„ZZ QUARTET“ вечерва на „Охридско Лето“

Вечерва со почеток во 21:00 часот во предворјето на Црквата „Св.Софија“ на репертоарот на „Охридско Лето“ е „ZZ QUARTET“.

Впечатливите иницијали на бендот ZZ потекнуваат од презимињата на иницијаторите Ратко Зјача (гитара) и Симон Занчини (хармоника). По сензационалниот деби-албум „The Way We Talk“ (In + Out Records), тие започнаа да свират заедно со Мартин Ѓаконовски (бас) и Адам Нусбаум (тапани) со што пишуваат ново поглавје во историјата на џез-музиката.

Симон Занчини вели: „Она што со сигурност го имаме се европејските корени, многу класични влијанија, фолкор, авангарда, импровизација, а понекогаш и фјужн… “.

Гитаристот Зјача е од Хрватска, но Холандија му постана дом во изминативе 23 години; хармонистот Занчини е од Италија; басистот Мартин Ѓаконовски е од Македонија, но 25 години живее во Бергиш Гладбах, во близината на Келн; а авторитетот на тапани, Адам Нусбаум е од Њујорк. Меѓународната борбена единица на естетски можности е во потрага по вистината надвор од општо-прифатените линии на ограничување.

Ратко вели: „Сè што слушаме оди во она што го правиме. Страста кон филмската музика, како и тајната љубов кон рокот, восхитувањето од класичната музика, копнеењето по фолк, и секако, вжарената желба за џез и неговите можности на импровизација…“.