Вечерва во Црквата „Св.Софија“ со почеток во 21 часот на програмата на „Охридско Лето“ ќе настапат Виолинистот Немања Радуловиќ од Србија и пијанистката Сузан Маноф од САД, со изведба на дела од Чајковски, Моцарт, Бах, Франк, Равел.
Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, со своите атрактивни настапи одушевувајќи го аудиториумот. Радуловиќ е добитник на престижните награди „Јоахим“ во Хановер, „Џорџе Енеску“, „Антонио Страдивари“ „Јехуди Мењухин“, „Вијенјавски-Липински“ во Полска. Тој беше прогласен за International Revelation of the Year” од Victoires de la Musique (European Association of Artist Managers) и номиниран за “Rising Star”. Радуловиќ настапува во најпознатите светски сали: Концертгебау во Амстердам, Мегарон во Атина, Cité de la Musique во Париз, Palais des Beaux-Arts во Брисел, Филхармонијата во Келн, Карнеги Хол, како и на бројните меѓународни фестивали. Тој свири со најдобрите светски оркестри: симфоничарите од Монреал, Рио, Барцелона, Нирнберг, Филхармониските оркестри на Радио Франција, Рим, Штудгарт, Германската Државна филхармонија, Кралската Филхармонија – Лондон, Филхармонијата на Украина, Оркестарот на Романска Швајцарија и многу други. Радуловиќ редовно настапува со Мариел Нордман, Сузан Маноф, Доминик Плансад, Лаура Фавр-Кан, Ане Гастинел и со ансамблите The Devil’s Trills и Double Sens. Неговите снимки се објавени од водечките издавачки куќи TransArt Live и ArtAct-Decca/Universal, а неговиот солистички компакт диск е награден со “Diapason Découverte“. Прогласен е за Почесен доктор на Универзитетот во Ниш – Србија.
Сузан Маноф е пијанистка добро позната по својот афинитет кон камерната музика и ансамбловото музицирање, а со тоа – и еден од најбараните пијано соработници. Таа редовно настапува на маѓународните фестивали и е поканувана од најдобрите концертни сали ширум свет: Théâtre des Champs-Élysées, Théâtre du Châtelet, Salle Gaveau, Вигмор Хол, Концертгебау, Карнеги Хол, Концертхаус и Музикферајн во Виена. Нејзината желба за новите творечки предизвици и љубов кон театарот го овозможи нејзиното вклучување во бројните програми кои обединуваат музика и текст. Сузан Маноф соработува со видни уметници и снима за водечките издавачки куќи Naïve, Decca, Virgin, Arion, Valois и Aparte, а подолго време соработува и снима со Немања Радуловиќ. Таа е професор на Националниот конзерваториум за музика и танц во Париз. Во 2011 г. Сузан Маноф беше прогласена за Chevalier des Arts et Des Lettres од Министерството за култура на Франција.