Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ги посети децата од годинешниот Летен камп „Ја сакам Македонија“ што по вторпат се одржува во Охрид.
Тој разговараше со децата на нашите иселеници од соседните држави кои се дел од курсот по македонски јазик, осмислен како активност насочена кон одржувањето на личниот, националниот и културниот идентитет на припадниците на македонското малцинство во Србија, Албанија и Бугарија.
„Тука во Охрид се собрани дечиња од македонската заедница во соседството, при што во тек од една седмица имаат интензивен курс по македонски јазик. Курсот го комбинираме со запознавање на Македонија, креирање врски помеѓу нив и преку игра и разговори да минат пријатно време во татковината“, истакна Попоски.
Летниот камп во Охрид е дел од поширокиот владин проект „Далеку, а блиску“ за приближување на сите граѓани кои имаат македонско потекло, а особено најмладите и создавање долгорочни врски меѓу нив.
„Мошне значајна е и културната димензија, можноста децата да дојдат и да ја посетат Македонија, оттаму што дел од нив првпат се тука“, рече министерот, притоа нагласувајќи дека интенција е во ваквите проекти да бидат опфатени најуспешните ученици од сите средини, оние кои покажале најдобри резултати во училиштата и најголем успех на курсевите.
„Летниот камп“ во Охрид се одржува во организација на Министерството за надворешни работи, во кој се вклучени вкупно 35 ученици, припадници на македонското национално малцинство и посетители на Курсевите по македонски јазик организирани од Заедниците и друштвата на Македонците во соседните земји. Покрај интензивниот курс по македонски јазик, македонска култура и историја од страна на предавачи од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, во рамки на седумдневната програма предвидено е учесниците да ги посетат културно–историските знаменитости во Охрид и охридското крајбрежје.
Министерот Попоски нагласи дека со цел продлабочување и проширување на знаењата како и зближување на учениците припадници на македонското национално малцинство од балканските земји следната година „Летниот камп“ да биде надополнет со ученици Македонци од целата дијаспора односно државите каде има поголеми македонски заедници.
„Во овој проект мошне добро се вклопува и европската димензија, оттаму што наша цел и на сите наши соседи е замјите од регионот да бидат дел од ЕУ, каде границите нема да ја имаат онаа тежина што ја имаат денес. На овој начин мислам дека им се отвараат дополнителни врати, повеќе можности да бидат просперитетни и успешни како возрасни луѓе. Од тој аспект овој начин на поврзување, меѓусебното и запознавањето на татковината е додадена вредност која во иднина сигурно ќе им се исплати“, додаде Попоски.