Училиштата се подготвени за почетокот на новата учебна година, оцени денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новото училиште во Вевчани, ресорниот министер истакна дека Министерството изминатите денови ги привршило подготовките за стартот на учебната година.
„Согласно динамиката и планот сметам дека во најголем дел, над 90 проценти од сите подготвителни активности, санации и реновирања се готови, но и редовната подготовка е во завршна фаза. Обезбедени се комплетно нови учебници од прво до трето одделение и корекциите на учебниците кои се пријавени како уништени“, изјави Ристовски.
Не ја исклучи можноста за појавување непланирани работи, но генерално е задоволен од подготовките и динамиката со која Министерството, но и општините заедно со училиштата, го дочекуваат првиот училишен час.
Заклучно со вчера, како што информира Ристовски, бројот на запишани првачиња бил 20.774 и очекува негово зголемување.
„Можеби ќе се случи уште понеделник и вторник да се доврши со процесот на прибирање на документите. Јас очекувам да порасне таа бројка. Ме загрижува фактот што секоја година имаме се помалку и помалку првачиња, што е резултат на намалениот наталитет и се помалиот природен прираст на нови генерации во Република Македонија“, појасни Ристовски.
По пуштањето на училиштето во Вевчани, министерот за образование денеска пушти во употреба монтажно училиште во селото Волино, во кое ќе учат околу 30 деца.
„Ова е доста значаен објект за општина Дебарца и за село Волино. Во последните 25 години во општина Дебарца не е инвестирано во ново училиште. Ова ќе биде од исклучително значење за жителите на Дебарца и како Влада ќе продолжиме и во сите други општини без разлика дали станува збор за урбани или рурални, големи или мали места, да инвестираме во образованието“, рече Ристовски.