Во соработка со кинотека на Македонија, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид од денес до петок 20 септември, со почеток во 20 часот ќе бидат прикажани три македонски документарни филмови кои сите заедно траат околу еден час. Поточно ќе бидат прикажани документарни филмови за „Охридско Езеро“, „Дванаесетте од Папрадник“ и „Охридските трубадури“. Сите три филма имаат заедничка тематика, поврзана со Охрид.
„Во филмот „Охридско Езеро“, производство Вардар, 1958 година, опфатени се природните убавини од Охридското Езеро, стариот град, чаршијата со старата архитектура, археолошките наоди во Охрид. Со еден збор како изгледа Охрид во 1958 година. Убаво е да се потсетиме, да се навратиме да видиме што е тоа што е променето, а што е тоа што е останато исто“, – истакна на денешната прес-конференција директорката на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцеска.
Инаку овој документарен филм има добиено награда во Пула 1959, прва награда на Туристичкиот сојуз на Југославија за камера на Киро Билбиловски.
„Филмот „Дванаесетте од Папрадник“ е поврзан со учителки кои исто така се од Охрид, не е претставена убавината на Охрид, туку се претставени на еден начин учителките кои со самото завршување на учителската школа, веднаш заминале да работат во Жупа во Папрадник. Тоа значело да си заминат од дома, да го сменат начинот на живот, а биле многу млади околу 20 години. Сепак е една интересна приказна за нивниот ентузијазам, волја да го пренесат своето знаење во една селска средина“, – вели Боцеска.
Филмот „Дванаесетте од Папрадник“ има добиено прва награда за документарен филм во 1966 Белград, во режија на Димитрие Османли.
Документарниот филм за Охридските трубадури е снимен во 2005 година.
„Филмот зборува за трубадурите во Охрид, за Климе Садило, за историјата на охридската чалгија, за Охрид во XX век, за езерото, за боемите, за серенадите…“ – потенцира Боцеска.
Како што рече директорката Боцеска овие филмови вреди да се погледнат и сега, после толку време што е поминато. Влезот чини 60 денари.
WebOhrid