По објавениот оглас во СВР Охрид досега се пријавени над 180 кандидати за полицајци

Над 180 пријави досега се доставени до Секторот за внатрешни работи Охрид, по објавениот јавен оглас за избор на кандидати за полицајци. Пријавите ги прима посебно оформена комисија за избор на кандидати што ја разгледува целосната документација потребна за аплицирање и ја спроведува  натамошната постапка.

Согласно јавниот оглас распишан од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, пријавите со потребната документација, во рок од десет дена, кандидатите се должни да ги поднесат лично во едно од десетте определени места за пријавување. Тие треба да исполнуваат општи и посебни услови.

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, на седми овој месец распиша јавен оглас за прием на 400 извршители за работното место полицаец. Рокот за доставување на пријавите трае до 17-ти месецов по што избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година. Обуката ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи во Скопје.