Во ОУ „Св.Климент Охридски“ се одржа свечена приредба на тема Еко-училиште

ОУ „Св.Климент Охридски“ денеска беше домаќин на странска делегација со координатори од 56 земји, како и претставници од ОХО и од Министерството за образование и наука. Гостите беа пречекани од учениците со зелено јаболко и им ги презентираа рачните изработки од рециклиран материјал. Од страна на в.д директорот Јордан Пуроски, наставниците и учениците беше организирана свечена приредба на тема Еко-училиште.

„Нам ни претставува огромно задоволство што токму нашето училиште, училиште насочено кон иднината, го избравте, одвоивте време да го посетите. Горди сме, што сме еко- училиште,  на тој начин ќе се развива еколошката свест кај учениците да ја чуваат и да се грижат за животната средина. Ние сме дел од Земјата, и Земјата е дел од нас. Земјата не повикува да се разбудиме, да развиеме заеднички принцип за градење на нашата иднина во работите со неа. Тоа ќе го постигнеме заедно со учениците, наставниот кадар, преземање разни инцијативи, желба за убав и чист уреден  училишниот двор“, – истакна во своето обраќање в.д. директорот на ОУ „Св.Климент Охридски“, Јордан Пуроски.

Пуроски на странската делегација и посака пријатен престој во Охрид и во училиштето, кое како што рече има единствена визија: еколошка оаза на Охридското кале. Исто така, в.д. директорот Пуроски изрази благодарност до сите вработени од училиштето кои се погрижиле за подготовките и реализацијата на денешниот настан.

На крајот, на гостите им беа поделени хартиени ќеси со лого од училиштето во кое имаше мали подароци (ЦД со еко активности, рачни изработки на украси од рециклирани материјали, флаери, визит карти).

This slideshow requires JavaScript.

WebOhrid