Во рамките на свеченостите по повод одбележувањето на патрониот празник на Охрид „Св.Климент Охридски“, Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца денеска организираа турнир во шах за жени и мажи на ниво на соседните здруженија од овој регион. На турнирот учество зедоа околу 25 шахисти од Струга, Кичево, Ресен, Демир Хисар како и домаќинот и организатор ЗП Охрид.
Шахистите се натпреваруваа во екипна конкуренција по Бергеров систем-брзопотезен систем секој со секого – два пати по десет минути, според пропозициите на Фиде.
„Турнирот се очекува да стане традиционален по повод патронот на Охрид – Осми декември Денот на „Свети Климент Охридски“.“ – рече претседателот на ЗП на Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески.
Учесниците на турнирот ги поздрави и за отворен го прогласи заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
За време на одржувањето на турнирот во шах, претседателите на ЗП од градовите учесници на турнирот потпишаа Меморандум за меѓусебна соработка.
„Со потпишувањето на Меморандумот за соработка ќе се регулираат формите и начините на заемната соработка во повеќе области и давање на поддршка и логистика при организирање на разновидни културни и спортски мифестации на здруженијата на пензионерите од регионален и републички карактер.“ – додаде Трпчески.
На учесниците им беа доделени и соодветни признанија, благодарници на ЗП за учество на турнирот, а на екипите за освоени први, втори и трети места им беа доделени дипломи и пофалници.
T.A/WebOhrid