Ристовски на меѓународната конференција за вклученост на сите деца во образованието

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска во Истанбул се обрати на Меѓународната министерска конференција – „Вклученост на сите деца во квалитетно образование“, што ја организираат Владата на Република Турција и Регионалната Канцеларија на УНИЦЕФ за Централна и Источна Европа.

Министерот Ристовски, како што соопшти МОН, ја потенцирал важноста која македонската Влада му ја придава на образованието, како еден од своите стратешки приоритети и притоа посочил на клучните реформи и активности кои се спроведуваат како одговор на предизвиците со кои се соочува земјата во оваа сфера.

„Реформирањето на образовниот сектор останува еден од клучните предизвици. Во таа насока, нашите заложби главно се одразуваат во продоложувањето на циклусот на задолжително основно образование од осум во девет години, како и задолжителното средно образование, реформите во наставните планови и програми, изградбата на нови и реконструкцијата на постојните училишта, обезбедување и примена на информатичко комуникациска технологија во наставата, како и обезбедување компјутер за секое дете“, истакнал министерот Ристовски.

Тој додал дека друг важен предизвик е интеграцијата на децата од сите етнички групи, бидејќи, како што нагласил, сите деца заслужуваат еднакви можности и услови за квалитетна едукација.

„Во тој контекст реализираме бројни активности за финансиска поддршка за образование на деца од различни социјални категории, но од големо знаење е усвојувањето и имплементацијата на Националната стратегија за интегрирано образование“, посочил министерот за образование и наука.

Конференцијата на која учествуваат министрите за образование и за труд и социјална политика од земјите од регионот и пошироко, како и бројни претставници на меѓународни организации, го означува почетокот на регионалната иницијатива за заедничка работа на земјите кон вклучување на што поголем број деца во квалитетно образование, односно кон поттикнување на еднаквоста во образованието и учењето.