„Во Преграб на Мигот“ – нова книга на охридскиот поет Пере Ристески

Во преграб на мигот е насловот на третата стихозбирка од Пере Ристески, што деновиве се појави во издание на „ИРИС ПРИНТ“ – Струга.

Во книгата се содржани 25 песни поделени во 3 циклуси, и тоа: Еден бистар проѕирен миг, Еден миг потоа и Еден последен миг.

Како рецензент на стихозбирката со свој критички осврт кон миговите на Пере Ристески се јавува литературниот критичар, есеист и поет Науме Радически, кој вели: „Во и со сите негови лирски својства, Ристески максимално го згуснува својот изразен, зборовен материјал, до агористичност, а со тоа всушност исто така максимално вложува во силината и во сугестивноста на од него откриените „мигови“, тонови и бои и на суптилни и рационално потешко исказни, главно миговно активни состојби и толку длабоко наши, а нам толку малку знаени, посакувани, а почесто дури и непожелни енергии од и во најдлабоките длабочини на човековото битие и на неговиот свет, што ни ги нуди за прочит, односно на можно преоткривање од секој реципиент.“

Поезијата на Ристески е преведувана и објавувана во повеќе европски литературни списанија. Добитник е на наградата Книжевен светилник.