Шестчлена криминална група од Кичево извршила тешки кражби во единаесет куќи

Поради постоење основи на сомнение за сторени вкупно единаесет казнени дела „Тешка кражба“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против А.Е.(19), Ф.М.(20), И.Ј.(20), Е.Б.(37), М.К.(20) и Г.К.(26) од Кичево.

Пријавените, серијата тешки кражби ги извршиле во периодот од август минатата до февруари оваа година, користејќи метален мајсторски алат „Штемајз“ и други подесни предмети со кои ги оштетувале бравите и ги отварале влезните врати од куќите во Кичево и неколку други околни села.

А.Е. и И.Ј. посебно биле вешти за насилно отворање на прозорците од приземјето на куќите. Шестчлената група се фокусирала на куќите чии сопственици се наоѓале на привремена работа во странство.

Употребувајќи подесeн алат но и физичка сила, тие насилно влегувале во куќи во Кичево и во селата Србица, Длапкин Дол, Поповјани и Аранѓел, одземајќи скапи рачни часовници, златен накит, бижутерија, патики како и бакарни делови за парно греење. Златниот накит го продавале во една златара во Кичево со што се стекнале со значителна противправна имотна корист.

Пријавените се лица познати извршители на вакви дела против кои и досега биле поднесувани кривични пријави за што двајца од нив биле и затворски осудувани.