Премиерот Груевски се сретна со парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, оствари средба со парламентарниот заменик министерот за надворешни работи на Јапонија, Такао Макино.

Соговорниците ги поздравија односите кои постојат меѓу двете земји и изразија задоволство од трендот на нивното постојано унапредување кое се реализира и преку дијалог на високо ниво.

На средбата беше позитивно оценета соработката и на билатерален план, и на мултилатерален план во рамките на Обединетите Нации.

Двете страни ја истакнаа значајноста за унапредување на економската соработка, особено на полето на инвестициите, при што премиерот Груевски ги претстави поволностите и предностите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори за отворање на бизнис и нови работни места во Република Македонија.

Премиерот Груевски и заменик министерот Макино дадоа позитивна оценка за досегашната соработка на проектите кои се реализираат во нашата земја, а во кои учествува и јапонската влада, при што беше разговарано и за можностите за воспоставување на дополнителна соработка во оваа насока и на други проекти.

Стана збор и за соработката во областа на образованието при што беше разговарано за искористувањето на јапонските стипендии за студии на македонски студенти во Јапонија, и македонските стипендии за студии на јапонски студенти на Универзитетот „Свети Апостол Павле“.

Двајцата соговорници ја нагласија посветеноста и заедничките заложби за понатамошно унапредување на соработката во сите полиња од взаемен интерес.