Проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид се проектира според изработена проектна програма од страна на Одбор формиран од еминентни стручњаци и на меѓународен конкурс ја доби првата награда.
Вака, меѓу другото реагира директорката на Заводот и музеј од Охрид Тања Паскали – Бунташеска на прес-конференцијата на СДСМ на која за Плаошник говореше претседателот на партијата Томислав Тунтев.
„На Плаошник се гради со почитување на сите законски прописи, со максимален квалитет кој го контролираат сите потребни надзори:градежен, конзерваторски и археолошки надозор. Ние како стручни лица соживеани сме со овој локалитет и со се она што се случува во него“, – рече Паскали – Бунташеска на денешната прес-конференција во охридскиот Завод и музеј.
Таа нагласи дека археолошкиот локалитет Плаошник континуирано веќе неколку недели се користи како главна цел за водење предизборна кампања на СДСМ, и додаде дека Тунтев можел претходно да ја побара за да праша се што го интересира за Плаошник, наместо, како што рече Паскали, тој да изнесува голем број лаги и невистини.
„На Плаошник ништо не се уништува. Сите остатоци од постари градби кои се открија при систематските археолошки истражувања кои се одвиваа во периодот од 2007. година и се уште се одвиваат, се вклопени и презентирани во изложбените простори од новите градби. Тие се веќе конзервирани и не постои никаква опасност од нивно уништување“, -истакна директорката на Охридскиот Завод и музеј.
Според неа, возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник се врши според претходно изработена планска документација, а не, како што рече, според желбите на Министерството за култура.
„Иницијативата за донесување ваква планска документација до Локалната самоуправа поднесе Завод и Музеј Охрид. Фирмата „Полог Проект“ од Гостивар ја изработи Локалната планска урбанистичка документација со која беше соодветно урбанизиран археолошкиот локалитет Плаошник врз основа на претходно изработени Заштитно конзерваторски основи. Локалната урбанистичка планска документација беше едногласно изгласана од Советот на општина Охрид во кој бевте член и за која и вие гласавте позитивно. Врз основа на Локалната урбанистичка планска документација беа изработени, идејни, основни и изведбени проекти, а од страна на Министерството за транспорт и врски беше издадено потребното Конзерваторско одобрение и Одобрение за градба пред отпочнување на градежните работи“, – додаде Паскали – Бунташеска.
Директорката на Охридскиот завод и музеј денеска ги отфрли обвинувањата изнесени на саботниот прес од СДСМ дека на Плаошник ќе се градат 24. објекти и нагласи дека станува збор за изградба на 16.
Извор: Супер радио