Македонската А футсал репрезентација одигра нерешено, 1:1 против Србија на вториот контролен натпревар одигран меѓу двете селекции во Стара Пазова. Нашата репрезентација повторно одигра одличен натпревар против една од најдобрите европски футсал селекции. Александар Глигоров го постигна погодокот за Македонија пред крајот на првото полувреме. Србија имеше предност од 1:0 со голот на Стефан Ракиќ.
Македонија играше во состав Тодоровски, Удовалиев, Левески, Арсовски, Агуши, Глигоров, Османи, Петровски, Тодоровски, Крстевски, Јовановски, Петровиќ, Станоев, Чека.
„Одигравме два одлични натпревари против исклучително силен противник. Србија е меѓу десетте најдобри репрезентации во Европа, а ние и во комбиниран состав им париравме многу квалитетно. Покажавме дека имаме квалитет и се надевам дека со вакви собири и натпревари против силни противници ќе го надградуваме“, изјави стрелецот на голот за Македонија, Александар Глигоров.
Селекторот Васко Скендеровски го изрази задоволството од двата натпревари, посебно истакнувајќи го придонесот на младите играчи во составот.
„Се гордеам со играчите кои добија шанса во Србија. Одиграа два исклучително квалитетни натпревари и одново потврдија дека можеме да се бориме за победа против репрезентациите кои се меѓу најквалитетните според ранг листата на Уефа. Неколку млади играчи потполно ја оправдаа довербата да бидат дел од најдобриот состав и го заработија местото во репрезентацијата за следните натпревари. Двете пресметки против Србија беа многу корисни за нашиот тим и се надевам дека на овој начин и ќе продолжиме да работиме“, изјави селекторот на футсал репрезентацијата Васко Скендеровски.
Македонската репрезентација во мај ќе игра на турнирот „Четири нации“, во Хрватска на турнирот ќе учествуваат селекцијата на Италија, актуелен европски првак, Словенија, Хрватска и Македонија.