Денеска Извршниот одбор на СДСМ донесе предлог одлука за утврдување на кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за Претседател на Република Македонија. Постапката за предлагање и евидентирање на кандидатите е спроведена во сите 76 општински организации на СДСМ. Беа предложени вкупно 26 кандидати од општинските организации. Во тесен круг беа 8-мина кандидати. Професор Стево Пендаровски е предложен од сите општински организации на СДСМ.
„Во оваа прилика го искажувам моето огромно задоволство од спроведената демократска процедура и капацитет на Социјалдемократскиот сојуз. Секој од предложените кандидати за Претседател на државата поседува сопствен личен и професионален квалитет и интегритет достоен за извршување на функцијата Претседател на Македонија. Сите предложени кандидати се богатството и потенцијалот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на Република Македонија.
Извршниот одбор на СДСМ едногласно одлучи да му предложи на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз единствен кандидат за претседател на РМ.
Стево Пендаровски е човек со углед, со личен морален и професионален интегритет и општествен авторитет, човек од доверба и човек со визија за просперитетна иднина на граѓаните на Република Македонија.
Јас и Социјалдемократскиот сојуз сме убедени дека Стево Пендаровски е човекот што ќе ја добие поддршката од граѓаните на Македонија и ќе биде идниот претседател на Република Македонија.“ – истакна на прес конференција Оливер Спасовски, генерален секретар и шеф на Изборниот штаб на СДСМ.