Стево Пендаровски кандидат за претседател на Македонија

Денеска Извршниот одбор на СДСМ донесе предлог одлука за утврдување на кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за Претседател на Република Македонија. Постапката за предлагање и евидентирање на кандидатите е спроведена во сите 76 општински организации на СДСМ. Беа предложени вкупно 26 кандидати од општинските организации. Во тесен круг беа 8-мина кандидати. Професор Стево Пендаровски е предложен од сите општински организации на СДСМ.

„Во оваа прилика го искажувам моето огромно задоволство од спроведената демократска процедура и капацитет на Социјалдемократскиот сојуз. Секој од предложените кандидати за Претседател на државата поседува сопствен личен и професионален квалитет и интегритет достоен за извршување на функцијата Претседател на Македонија. Сите предложени кандидати се богатството и потенцијалот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на Република  Македонија. 

Извршниот одбор на СДСМ едногласно одлучи да му предложи на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз единствен кандидат за претседател на РМ.

Стево Пендаровски е човек со углед, со личен морален и професионален интегритет и општествен авторитет, човек од доверба и човек со визија за просперитетна иднина на граѓаните на Република Македонија.

Јас и Социјалдемократскиот сојуз сме убедени дека Стево Пендаровски е човекот што ќе ја добие поддршката од граѓаните на Македонија и ќе биде идниот претседател на Република Македонија.“ – истакна на прес конференција Оливер Спасовски, генерален секретар и шеф на Изборниот штаб на СДСМ.