Граѓаните кои претрпеле штети од елементарни непогоди во периодот од 2010 до 2013 година, паричниот надомест од Владата ќе го добијат по завршување на изборите.
Одлуката, како што информира денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, Владата ја донела пред околу месец и половина, но поради распишување на изборите во истиот период и укажувањето од Антикорупциската комисија, средствата ќе бидат префрлени согласно законот.
„Владата пред околу месец и половина ја донесе одлуката за надомест на штета по однос на 19 елементарни непогоди во 10 општини во Република Македонија. Се обративме до Антикорупциската комисија која ни укажа дека во истиот период беа распишани избори и не е согласно закон да биде исплатен тој надомест на штета во однос на субјектите кои претрпеле штетни влијанија. По завршување на изборите средствата ќе бидат исплатени до сите субјекти кои претрпеле штети од овие 19 елементарни непогоди од Одлуката, а согласно извештаите добиени од општинските комисии за проценка на штета, “информира Ѓорѓиев како одговор на прашањата на дел од медиумите.
За оваа намена, додаде тој, ќе бидат исплатени 72.601.129 денари или околу 1,2 милиони евра. Паричен надомест ќе земат оштетените граѓани од град, дожд, поплави, невреме, земјотрес… од општините Берово, Битола, Василево, Гази Баба, Дебарца, Охрид, Прилеп, Радовиш, Свети Николе и Штип зафатени во 2010, 2011, 2012 и 2013 година, кои доставиле извештаи со целосна документација.
Според владината одлука во овој случај паричен надомест ќе земат оштетените граѓани од следните 19 елементарни непогоди: поплавата во Свети Николе од 25 и 26 февруари во 2013 година, пороен дожд и поплава во Штип од 25 и 26 февруари 2013 година, град во Берово од 19 јуни 2010 година, поплава во Берово од 26 и 27 мај 2012 година, град во Битола од 9 август 2012 година, поплава во Василево од 24, 25 и 26 февруари 2013, невреме во Гази Баба од 23 јуни 2013, поплава во Дебарца од 10 август 2012 година, дожд и град во Дебарца од 8 јули 2013 година, дожд и град во Охрид од 19 јуни 2010 година, пожар во Охрид од 27 август 2011, град, ветер и дожд во Охрид од 9 јуни 2011, земјотрес во Охрид од 7 јуни 2012, град во Охрид од 10 август 2012, град и поплава во Прилеп од 2 јули 2010 година, невреме во Прилеп од 9 јуни 2011 година, град во Радовиш од 24 јуни 2012, дожд во Радовиш од 10 август 2012 година, пороен дожд во Радовиш од 25,26 и 27 февруари 2013 година.
Покрај за овие 19 елементарни непогоди, за кои има донесено одлуки Државната комисија за проценка на штети ја информирала Владата оти има и други случаи од елементарни непогоди кои ги процесуираат во моментот.
„Известени сме од Државната комисија дека тие ги информирале општинските комисии дека во определени случаи имале поднесено некомплетна документација и дека тие им укажале да ја докомплетираат. Очекуваме по добивање на соодветната документација од општинските комисии до Државната комисија за проценка на штети, тие предмети да бидат поднесени до Владата да решаваме и за останатите случаи“, додаде Ѓорѓиев.
Во овој случај Владата ќе исплати 15 проценти од настанатите штети кои биле пријавени од страна на општинските комисии за проценка.