ЕД „Грашница“ – Охрид во рамките на своите редовни теренски активности спроведе еко-мониторинг на Коселска Река, од вливот на реката во езерото (кај Извиднички центар) од устието до с. Опеница во должина од 12 километри.
Реките не познаваат граници, често ни оние природните, а особено не оние наметнати со човечка волја. Водата нé спојува и нé раздвојува. Дали тоа ќе направи едното или другото – зависи од нас самите.
„Низ слика и текст ви ја пренесуваме воочената состојба со реката која се влева во Охридското Езеро.“ – велат од ЕД „Грашница“.
- Непромислено се стеснува коритото на реката и се загадува со градежен отпад – казниво со закон!
- Остатоците од гнили земјоделски производи се фрлаат во реката наместо да се компостираат. Со тоа се влошува состојбата на рибната фауна и влошува квалитетот на водата.
- Дел од земјоделците ги плакнат земјоделските машини во реката со кои ги третираат насадите со пестициди.
- Бесправно се прават прегради на реката со насипување земја и градежен шут.
- Браната во с. Косел во текот на летниот период одзема и до 60 % од протокот за наводнување – со тоа не се почитува биолошки минималниот протек низводно. Освен тоа браната е препрека за миграција на дел од рибните видови.