Денес, на пладне, во подрачното училиште во Косел се одржа добротворна продажна изложба на ученички ракотворби од пластика и дрво, изработени од вредните раце на коселските основци. Изложбата се одржа во холот на училиштето „Ванчо Николески“, а авторите на прекрасните и необични ракотворби, учениците беа во улога на понудувачи-продавачи на своите производи. Интересно е да се одбележи дека сè што изработија и понудија на продажба коселските ученици – сè беше распродадено за нецели три часа, а купувачи беа многубројните гости меѓу кои позабележителни беа родителите, наставниците, како и други вработени, намерници како и случајни посетители на училиштето. Изложбата се одржа во чест на изминатиот Ден на розите, а средствата собрани од изложбата ќе бидат наменети за добротворни цели и во функција на будење и развивање на еколошката свест кај граѓаните пред сè.
Интересно е да се одбележи дека меѓу бројните гости, први кои ја посетија изложбата беа административци на старо-новата општинска коселска зграда. Тие со задоволство ги разгледаа понудените ученички-детски ракотворби и детски експонати, а своето внимание го заокружија со купување на голем број од понудените производи.
Изложбата, која беше во организација на одделенските коселски наставнички, и со асистирање на предметните наставници, како и на техничкиот персонал, опочна свечено со предочување на поводот за неа, а заврши ефектно, затоа што целта беше постигната.
Вакви и слични акции во Косел и коселското училиште се случувале често и често ќе се случуваат и во иднина. Еден од позабележителните изминат настани беше и проектот за традиционални јадења, а следниот поважен настан кој е закажан за месец април, тоа е проектот со необично име „Нашите стари роднокрајни занаети“. Дотогаш, коселските ученици и учесници на изложбата ве покануваат низ фотографии да ја доловите изложбената и ученичка топла атмосфера.
Напис и фото запис: ДИМ ДОН