Намерата на локалната самоуправа на ДПМНЕ да ги даде паркинзите под концесија по пат на јавно приватно партнерство значи врв на хипокризијата, јасен и недвосмислен показател на безидејноста и кулминација на неискрениот, несовесниот и игнорантскиот однос кон сопствените сограѓани, обвини на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.
„Тие што со години наназад беа најголемите, најгласните и најревносните противници на издавањето на јавните паркинг простори во градот под закуп или концесија со јавно приватно партнерство, сега тоа истото им го предлагаат на народните избраници во општинскиот совет. Тие што со сила ги раскинаа и поништија договорите за закуп и за концесија на паркинзите, тие што жестоко го критикуваа поранешниот градоначалник за таквата постапка, тие што упорно тврдеа дека паркинзите треба и мора да ги работи јавното претпријатие „Билјанини извори“ со сопствени средства и потенцијали, сега тие истите даваат една ваква срамна предлог одлука, сосема спротивна од нивните јавно и јасно изразени мислења и ставови. Новата локална власт на ДПМНЕ веднаш еднострано ги раскина договорите за закуп и за концесија на јавните паркинзи, за што допрва охриѓани ќе бидат принудени да плаќаат огромни судски оштети. Веднаш потоа, без одлука на совет, значи противзаконски, цените за паркинг беа сменети. Пред извесно време паркинзите, од сопственост на општината, со одлука на Советот повторно му беа вратени на ЈП, но со ветување дадено до сите граѓани на Охрид дека ЈП само ќе стопанисува со нив. Сега, без никаков срам и намус, пред целата охридска јавност, локалната власт на ДПМНЕ предлага одлука паркинзите повторно да се дадат под концесија, со јавно приватно партнерство. Скандалозно.“– рече Кузески.
Од ОО на СДСМ се прашуваат, која е логиката на сето тоа, или чии интереси се во прашање, која е вистинската причина и зошто граѓаните на Охрид беа излажани од страна на локалната власт на ДПМНЕ.
„Ја користиме оваа прилика да ги предупредиме градските власти ни случајно да не им падне на памет да ги избркаат од работа луѓето вработени како наплатувачи на паркинг. Баш поради ваквиот неодговорен и ноншалантен пристап кон потребите на граѓаните кој се манифестира и на централно и на локално ниво ДПМНЕ на наредните избори заслужува да биде казнет. Волјата на народот не се манифестира со стотици автобуси и знамиња, не се гледа преку бројот на билбордите и рекламите по медиумите. Вистинската волја на народот владеачката партија ќе ја почувствува на 13-ти април, затоа што на граѓаните веќе им е скиснато од 8 години владеење на ДПМНЕ со страв, закани и притисоци. На 13-ти април секој гласач, зад гласачкиот параван, мирно, чесно, гордо и достоинствено ќе го даде својот глас за подобриот кандидат, за подобрата опција, за подобрата иднина.Многу интересни се обидите на активистите на ДПМНЕ за закани и заплашување на гласачите, дека наводно тие ќе знаат кој за кого ќе гласа, дека ќе можат да не видат, дека пенкалата биле со специјални камери, или дека сериските броеви на гласачките ливчиња биле бележани…митови и бабини деветини…“- додаде Кузески.
Кузески на прес средбата рече, дека од ОО на СДСМ Охрид ги уверуваат и охрабруваат граѓаните дека не постои механизам за да се влијае на слободната волја на гласачите за кого да го дадат својот глас и никој жив нема начин да ги види што ќе направат позади параванот.
„Но, има една вистина, според законот, за која што гласачите мораат да бидат свесни – секоја повреда или злоупотреба на избирачкото право, секоја повреда на слободата на определување на избирачите, секој поткуп и секоја повреда на тајноста на гласањето, се санкционираат со казна затвор од три до пет години. И тука место за компромис нема. Секаков обид за организирање на некакви бугарски возови, фотографирање на избирачките ливчиња, гласање со избирачки ливчиња со веќе заокружени броеви или било каков облик на јавно или заедничко гласање, ќе биде пријавен и најстрого казнет. Вистинската волја на народот мора да дојде до израз на претстојните избори. Спроведувањето на фер и демократски избори се наша насушна потреба, затоа што во текот на овие 8 изминати години сите сме заборавиле како е да се води нормална и законска изборна кампања и како е да се спроведуваат фер и демократски избори во една нормална демократска држава. Овојпат народот ќе знае како да се справи и како суруво да ги казни сите оние што се дрзнаа да се закануваат, да вршат притисоци и да заплашуваат сите овие години. Нивното време помина, а по 13-ти и 27-ми април едноставно ќе бидат збришани од политичката сцена и заборавени.“- заврши Кузески.
WebOhrid