Градоначалникот оствари работна средба со германски инвеститори од автомобилската индустрија

Во насока на подигање на локалниот економски раст и  развој во Охрид  не стивнуваат интензивните напори на локалната самоуправа да создаде услови за привлекување на домашни и странски инвеститори. Во тие рамки денес градоначалникот Никола Бакрачески заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо и надлежните  од Секторот  за  туризам и локален економски развој оствари работна  средба со претставници од  германски гигант во делот на автомобилската  индустрија.

Germanski_avtomobilski_invest_4852

Тема на разговор на состанокот беа  можностите кои локалната самоуправа може да им ги даде на инвеститорите од Германија во поглед  на обезбедување на инфра -структурни услови, логистичка поддршка, како и обезбедување на транспорт на работници.  Се разговараше и за можноста германските инвеститори  заради обезбедување квалификувана работна сила ,да остварат   соработка со Електро машинскиот училишен  центар “ Св. Наум Охридски“ од Охрид.Гостите од Германија  изразија големо  задоволство  од она што локалната самоуправа го нуди за нив како потенцијални инвеститори  и ветија дека  во наредните неколку денови  ќе донесат  дефинитивна одлука за локацијата каде што ќе го започнат  своето производство.
Germanski_avtomobilski_invest_4853
По денешното гостувањето на потенцијалните инвеститори од Германија во Охрид  и по  неодамнешната  најава на премиерот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски   за влегување на уште еден гигант од германската автомобилска индустрија ,може да се  каже дека   наскоро ќе  се отворат уште  пошироки можности за забрзан  локален  економски развој во Охрид и обезбедување нови работни места.