Тунтев: Стравот во ДПМНЕ преминал во параноја

Штом од Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ во Охрид почнат да доаѓаат тенденциозни невистини, лични дискредитации и злонамерни критики, тогаш со сигурност може да се заклучи дека стравот во ДПМНЕ преминал во параноја, рече на денешната прес конференција престседателот на ОО на СДСМ и носител во 5-тата изборна единцица од Охрид, Томислав Тунтев.

„Да си имаше ДПМНЕ од Охрид квалитетни кадри на листата со кандидати за пратеници, ќе си се фалеше и гордееше со нив, и немаше сосема неосновано да ме напаѓа мене. Вистината можеби за нив е болна и сурова, но е несомнена – кандидатите за пратеници од ДПМНЕ од Охрид не се сакани, не се почитувани и не се ценети дури и од нивното членство, а камо ли од неопределените гласачи. Затоа ДПМНЕ од Охрид, наместо да зборува за нивните квалитети, што очигледно ги нема, на своите прес конференции се занимава со нас. Затоа ДПМНЕ од Охрид се обидува со лаги и манипулации да ги омаловажи и оспори нашите потврдени и докажани квалитети и остварувања. Но, за жал, ДПМНЕ од Охрид никогаш не ни знаела да направи разлика помеѓу законодавната и извршната власт. За такви луѓе, кои не ги почитуваат и кои секојдневно ги кршат законите на нашата држава, ултимативната цел е само да се приграби и да се има голата власт, без оглед на цената и последиците.“ обвини Тунтев и додаде: 

 „ДПМНЕ од Охрид никогаш не научи дека нормативната власт во општината – Советот, нема никаква врска со реализацијата на активностите од страна на извршната општинска власт – градоначалникот и стручните служби од локалната самоуправа. Затоа советниците од редовите на ДПМНЕ секојдневно седат по канцелариите на општинската зграда и сосема незаконски играат улога на раководители на сектори на одредени дејности, како што се образованието, јавните комунални дејности, спортот, културата и сл. А посебно сега, пред избори, кога е потребно заедно со останатите шефови и раководители во локалната да ги повикуваат еден по еден вработените во државната администрација и да им се закануваат, да ги уценуваат и да ги заплашуваат, доколку не им донесат гласови. Да е трагедијата уште поголема, изречените лаги и манипуалции на моја сметка овојпат дојдоа од советничката на ДПМНЕ Дамоска – Секулоска, која точно знае кои се ингеренциите на советниците, кои на градоначалникот, а кои на советникот што има решение да го заменува градоначалникот во случаи кога тој не е во состојба да ја извршува својата функција. И покрај тоа, таа упорно ја лаже охридската јавност за некаква моја наводна одговорност, исто како што тоа го правеше и во претходниот советнички мандат. Најверојатно затоа, партиски заслужено, веднаш си доби работно место во државниот универзитет. И, наместо сега да ја манипулира јавноста со замена на тези и инфантилни конструкции, можеби самата треба да си го постави вистинското прашање – дали е таа дел од тимот што вети брда и долини а ништо не направи за Охрид во последната година или е дел од тимот што во последните осум години ја доведе Македонија до работ на економска пропаст, до незапамтена мизерија и сиромаштија, до невидена меѓународна изолација и до уништување на демократијата.“– додаде Тунтев.

 Тунтев рече наместо да се кријат зад партиските говорници, да шират омраза и да сеат магла во охридската јавност, тие ги повикуваат ВМРО ДПМНЕ на јавна отворена дебата пред граѓаните на Охрид.

 „Им стоиме на располагање за спротивставување на политичките мислења, ставови и програмски решенија на било кој медиум, на било која тема, во било кое време. Лесно е да се злоупотребуваат медиумите со еднострани изречени лаги и манипулации, кои немаат никаква основа. Ајде да видиме, нека соберат храброст да се соочиме пред охридската јавност на дуел, на дебата, на емисија – било каде, било кога, со било кого, за било која тема. Па да видиме кој располага со какви квалитети и кој што направил до сега за Охрид. Сите заедно – и кандидатите за пратеници, и советничката, барем една десетинка да имаат направено од тоа што јас сум го направил во животот за Охрид и за охриѓани, можеби ќе најдат смелост да одговорат на мојата покана за соочување пред очите на охридската јавност. И не само тоа – за разлика од нив, мене политичка партија не ме вработила и јас никогаш не сум сменал политичка партија за лични интереси. Социјалдемократските вредности јас ги почитувам и применувам отсекогаш доследно и целосно и најодговорно тврдам дека сето она што беше изречено на моја сметка од страна на ДПМНЕ се само лаги и манипулации. Нека се осмелат господата од ДПМНЕ да излезат со мене на дебата пред јавноста, па еднаш засекогаш да ги разјасниме ингеренциите на советниците, на заменик градоначалникот и на луѓето од извршната власт. А јавноста, што толку е потценета од страна на ДПМНЕ, потоа сама нека процени кај кого е квалитетот и кој ја заслужува довербата од граѓаните.“- истакна Тунтев.

Според Тунтев, македонската јавност во изборната кампања веќе го избрала својот претседател.

„Стево Пендаровски покажа дека е висок интелектуалец, голем експерт и докажан патриот, што знае да мисли со своја глава, што умее да комуницира подеднакво со сите и што не му треба никој да зборува наместо него по митинзите. Ние ги повикуваме гласачите да се обидат да се сетат барем на една работа, поради која во последните пет години се почувствувале горди или среќни што им беше претседател Ѓорге Иванов. Не вреди човек да се мачи, нема да најде ниту една таква работа. А ние ќе ги потсетиме нашите сограѓани барем на десеттина работи, поради кои сите се срамевме што беше така: разумниот компромис, надмигнувањето со Обама, приказната со Пакистан и Курдистан, географските познавања за Казахстан, Жак Ширак – претседателот на САД, скандалот со организацијата на Охридскиот пливачки маратон, враќањето од авионот за Сочи, самитот на државници од Југоисточна Европа на кој не му дојде ниту еден гостин, златото во Анска река, експресното и некритичко потпишување на сите укази на голем број штетни закони за граѓаните на Македонија, итн… Има уште, но и ова е доволно за да покаже и докаже кај кој кандидат е квалитетот, разборитоста и мудроста. Заклучокот е јасен и недвосмислен – на 13-ти април со заокружување на бројот 3, со гласање на проф. д-р Стево Пендаровски, Вие, почитувани сограѓани, го давате својот глас за претседател, каков што Македонија заслужува да го има.“– заврши Тунтев.

WebOhrid