Визијата на СДСМ е Македонија да стане општество на бројна, економски стабилна и финансиски одржлива средна граѓанска класа. Само таквата средна класа, која треба да зафаќа над 80% од вкупното население, може да биде гарант за брз економски развој на државата и за подигнување на животниот стандард на населението. Македонија мора да има економија што ќе биде компатибилен дел од економијата на ЕУ. Вака ја започна денешната прес конференција, претседателот и кандидат за пратеник на ОО СДСМ Охрид, Томислав Тунтев.
„Враќањето на дел од ДДВ-то на секој граѓанин, воведувањето на праведни даноци, зголемувањето на минималната плата на 10 илјади денари, пензионирањето според возраста и според работниот стаж, воведувањето на државна социјална пензија во висина од 40% од просечната старосна пензија, згоелмувањето на социјалната помош за 40%, донесувањето на закон за социјална заштита од енергетска сиромаштија, зголемувањето на детскиот додаток за 60%, низата мерки за олеснување на положбата на лицата со посебни потреби, превентивната наместо репресивната казнена политика во бизнис секторот, формирањето на бизнис инкубатори, подобрувањето и поевтинувањето на комуникациските услуги, ослободувањето на земјоделците од персоналниот данок, воведувањето на бенифициран работен стаж за земјоделците, воведувањето на ефтина тарифа за струјата секој ден по 2 часа и цели два дена од викендот, намалувањето на судските такси, воведувањето на стимулативен систем за наградување на вработените во јавната администрација и воведувањето на флексибилно административно работно време, субвенционирањето на вработување на млади лица, укинувањето на екстерното тестирање, воведувањето на конкретни мерки за поддршка и мотивација на наставниот кадар, праведната распределба на државните стипенции за студентите, укинувањето на здравствената партиципација за сиромашните граѓани, подобрувањето на системот за финансирање на општините – овие и уште многу други реално одржливи и брзо остварливи проекти ќе овоможат веднаш да се втемелат трите столба на програмата на СДСМ – враќање на средната класа, враќање на демократските слободи и враќање на иднината на нашите деца.“ – истакна Тунтев.
Покрај тоа како што рече Тунтев, СДСМ целосно ќе го реши проблемот со стечајните работници, преку обезбедување паричен надоместок за сите граѓани кои останале без работа поради приватизацијата, а имаат 15 години работен стаж со платени придонеси.
„Ќе ја субвенционираме каматата за кредитите и ќе ги ослободиме претпријатијата од таксите за извозните царински декларации, кај кои вредноста на извозот е најмалку 50% повисока од вредноста на увозот. Ќе обезбедиме ефикасна, лесно достапна и едноставна информатичка поддршка на туризмот и туристичката промоција. Ќе воведеме неселективни и праведни субвенции за конкурентен развој на туризмот. Ќе го реализираме инфрструктурниот патен проект „Македонија мегалополис“ – патно поврзување на населените места што ќе овоможи патување меѓу сите најголеми урбани центри во државата не подолго од 90 минути. Во здравството ќе го укинеме проектот плаќање по учинок и ќе воведеме дополнителни стимулации за здравствените работници. Детално, темелно и стручно ќе ги преиспитаме и ревидираме проектите „Плаошник“, „Љубаништа“, „Студенчишко блато“, „Мауцкер“, „Аеродромот на вода“, „Галичица“, „Законот за Охрид“, „Законот за туристичките развојни зони“ и сите останати контраверзни проекти на оваа Влада, кои можат да имаат несогледливи и непоправливи штетни последици врз нашето природно, културно и историско наследство.“ – додаде Тунтев.
На прес средбата зборуваше и кандидатот за пратеник, Ѓоко Танасоски.
„Не сум изненаден од политичката некоректност што деновиве беше пласирана во медиумите. Впрочем, основна одлика на сите тоталитарни системи е да ја одржуваат својата власт преку едно партиско владеење и политичка пропаганда, притоа покажувајќи исклучителна нетолеранција кон секого што не се согласува со целите и средствата на режимот. Но никако неможам да се изначудам на неверојатната хипокризија, особено на локалните гласноговорници на истиот тој режим кој цели 8 години ја држи Македонија во заложништво.“ – рече Танасоски.
Тој уште еднаш го повтори неовиот личен став дека навредите и личните дискредитации биле само параван за безидејноста во решавањето на проблемите и политичко полтронство. Танасоски смета дека далеку почесно и попродуктивно било на јавна отворена дебата пред граѓаните на Охрид да ги соочаат своите ставови, мислења и програмските решенија.
„Но бидејќи бев лично прозван, на поставените прашања ќе ви одговорам преку кратка, компаративна анализаза проблемите и состојбите со кои денес се соочени граѓаните, и понудените програмски решенија од програмата на СДСМ: ПРОМЕНИ за нов почеток. Доколку постојат докази за било какви незаконски долгови или злоупотреба на службена должност, досега требало да бидат санкционирани преку надлежните државни институции. Иако, не ми е јасен контекстот на вашето прашање, особено сега, кога целокупната јавност е сведок на мега афери исериозни сомневања за корупција и перење пари во кои се вклучени највисоки функционери од власта. Тоа е всушност и суштината на проблемот: за жал живееме во држава каде што власта е над Уставот и законите. Македонија е земја во која владее самоволието, а не правото.“ – рече Танасоски.
Како што рече Танасоски, нивни најголем приоритет ќе биде почитувањето на Уставот и законите, враќање на правната сигурност, принцип на отчетност на носителите на јавни функции, промовирање на јавни дебати за сите значајни прашања во државата, транспарентно трошење на буџетските средства така што министерот за финансии ќе имал обврска во текот на постапката за носење на буџет да учествува во јавна дебата заедно со три лица предложени од опозицијата, зајакнување на пристапот до информациите од јавен карактер,целосна департизација на судството, намалување на драконските казни за 50% и реформирање на казнената политика која за разлика од сегашнтата пракса како што кажа нема да се користи како средство за полнење на буџетот, за заплашување на граѓаните и затворање на фирмите.
„Во врска со прашањето за јавната администрација, пак, мој личен став е дека ВМРО-ДПМНЕ ја претвори јавната администрација во партиски а не јавен сервис на граѓаните и гласачка машинерија за одржување на режимот. Праксата на партиски вработувања што се применува последниве осум години, според која најважен, а често пати и единствен критериум за утврдување на стручноста на службениците е нивната партиска книшка, произведе гломазна, нестручна и непрофесионална јавна администрација, која е на терет на буџетот. Да потсетам само на експедитивното, без никакво рационално образложение, прераспределување на дваесетина административци од Охрид, веднаш по доаѓањето на новиот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти тоа, пристапот на СДСМ ќе се базира на: квалитет, професионалност на кадарот и добра организација, професионализација и целосна департизација на јавната администрација, олеснување на постапките за остварување на правата и интересите на граѓаните пред органите на јавната администрација, стимулативен систем на наградување, со кој платата на службениците ќе пред органите на администрацијата биде поврзан со растот на економијата, бесплатни, системски и перманентни обуки на вработените од една страна и активно вклучување на бизнис-заедницата во креирањето на програмите за едукација на службениците од друга страна, транспарентност на администрацијата т.е. јавна достапност на сите акти донесени од администрацијата, подготовка и објавување на регистар на јавни претпријатија.“ – потенцира Танасоски.
Во однос на прашањето за висината на платите и пензиите, во тој контекст и за целокупната социјална политика која се спроведува од оваа влада, Танасоски истакна само неколку статистички податоци како основен показател за стандардоти квалитетот на живење во Република Македонија.
„Наспроти многубројните странски инвестиции, индустриски зони и невидените економски мерки, кои владата на ВМРО ДПМНЕ не убедува дека се спроведуваат во последниве осум години, Македонија е земја со НАЈВИСОКА стапка на сиромаштија во Европа. Според податоци од реномирани меѓународни институции, како Светска банка, за 5 години сиромаштијата во Македонија пораснала за 30%. Над 30% од домаќинствата не можат да ги обезбедат ниту најосновните потреби. 40% од семејствата не можат да си дозволат оброк со месо или риба, повеќе од половината не можата да платат непредвидени трошоци, ниту да обезбедат средства за еднонеделен одмор надвор од домот.Нашиот пристап за решавање на овие проблеми е претставен преку конкретни социјални мерки за неколку различни категории граѓани:возрасни лица и пензионери, бездомни лица и корисници на социјална помош, социјално исклучените категории на граѓани, мерки во однос на елиминирање на детската сиромаштија и мерки за поддршка на лицата со посебни потребни. Конкретно, мерките обезбедуваат: можност за заминување во пензија по два основи возраст и работен стаж, можност за докуп на стажот, обезбедување државна социјална пензија за лицата кои не се корисници на каква било парична помош од државата, усогласување на пензиите на секои три месеци, систем за достава на лекови за пензионери од руралните средини, дневни центри за нега на стари лица, зголемување на социјалната помош за 40%, ослободување од плаќање радиодифузна такса, зголемување на паричната помош во згрижувачко семејство за 45%, зголемување на детскиот додаток за 60%, спроведување закон за социјална заштита од енергетска сиромаштија, решавање на проблемот со стечајните работници преку обезбедување паричен надомест за сите граѓани кои останале без работа поради приватизација на претпријатија со општествена или државна сопственост, а имаат 15 години работен стаж со платени придонеси. Секако, ова е само еден краток осврт на предложените мерки од програмата на СДСМ, Промени за нов почеток.“ – рече Танасоки.
Танасоски додаде дека тој одговорно стои зад сите негови како лични, така и партиски определени ставови. А, во однос на политичката одговорност и морал сподели како што кажа една лична девиза со сите душегрижници: пред да погледнеме кон другите најпрво да погледнеме кон себе.
На прес конференцијта зборуваше и кандидатот за пратеник на СДСМ Охрид, Мишел Силјаноски, кој истакна дека младите во Р. Македонија најсилно ги почуствувале погубните политики на актуелната власт.
„Охрид е еден од најеклатантните примери за иселување на младите луге. Навистина е жалосно, што секојдневно поради нашата борба за егзистенција сме принудени да размислуваме за напуштање и го напуштаме еден од најубавите градови на Балканот. Кога актуелните владини преставници зборуваат за успешна младинска политика и сите мерки кои се однесуваат на младите, дали го имаат во предвид фактот дека над 55% од младите се невработени како резултат на нивните политики, што не прави неславни рекордери во нашиот регион и во Европа?! –податок од Светска банка. Кога зборуваат за успешна младинска политика дали го имаат во предвид фактот дека како резултат на нивните политики цели 78% од младите дале негативен одговор на поставеното прашање дали својата иднина ја гледаат во РМ? Кога зборуваат за успешна младинска политика, дали направиле споредба на условите во кои живеат, творат и работат младите во РМ vis-à-vis останатите европски држави? Наша приоритетна цел е младите да ја гледаат и градат својата иднина во својата татковина.“ – рече Силјаноски.
Како дел од програмата на СДСМ предвидена во третиот столб, „Инвестираме во иднината“, Силјаноски презентираше дел од мерките што ги предвидуваат, а кои се однесуваат на младите.
„Укинување на екстерното тестирање – како проект кој побуди голем револт кај младите. Проект гаранција за млади – со кој се овозможува секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, пракса или тренинг за подготовка за вработување, сето тоа во период од 4 месеци по завршување на школувањето или станување на невработен. Субвенционирање на вработувањето на невработени млади лица на возраст до 29 години со месечна финансиска подршка за период од 6 месеци со обврска работодавачот да ги задржи најмалку уште 18 месеци.Финансиска подршка за проекти кои ќе обезбедат вработување на млади во помалите градски или селски средини каде е многу потешко да се најде работа. Субвенционирање на јавниот транспорт за сите невработени млади лица до 29 години – заради нивна поголема мобилност при активно барање работа. Подобрување на стипендирањето и студентскиот стандард. Идната влада на СДСМ ќе воведе нова политика за стипендирање на студентите преку државни стипендии и фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање. Студентски град и нови студентски домови. Национална младинска лабораторија која ќе служи како организација на млади истражувачи од сите области. Зголемување на буџетот наменет за образование на 4,5-5 % од БДП. Реформирање на средните стручни училишта. Поврзување на стручното образование со пазарот на труд. Подготовки на учениците за следна фаза на пбразование. Поквалитетни учебници. Фонд за научно истражувачка дејност. И многу други реални и остварливи мерки кои се и веке редовна практика во европските и светски развиени земји.“ – заврши Силјаноски.
WebOhrid