СДСМ: Веста за одбележувањето на 109 годишнината од смртта на Христо Узунов,објавена на општина претставува најгрубо кршење на објективноста

Денешната вест за одбележувањето на 109 годишнината од смртта на Христо Узунов, објавена на интернет порталот на локалната самоуправа (www.ohrid.gov.mk), претставува најгрубо кршење на објективноста и најобична манипулација со јавноста во партиско предизборни цели, обвинува ОО на СДСМ Охрид.

„Одговорните во локалната самоуправа за информирање на јавноста се дрзнаа со невистинити, непримерни и фингирани фотографии и текст да се стават бесрамно во служба на политичкиот маркетинг на ДПМНЕ. Објавениот текст и фотографиите ни оддалеку не кореспондираат со вистината, односно со она што денес се случуваше при одбележувањето на празникот.

Прво, не е објавена ниту една фотографија од чинот на поклонение и полагање на свежо цвеќе на споменикот на Христо Узунов на градскиот плоштад, каде што учество зедоа повеќе делегации. Второ, воопшто не е точно дека меѓу нив имаше делегации на политичките партии, како што е тоа наведено во текстот. Единствено ОО на СДСМ од Охрид и ОК на ДПМНЕ од Охрид имаа свои партиски делегации. Ниту една друга политичка партија од Охрид немаше своја партиска делегација. Трето, кандидатите за пратеници од ДПМНЕ од Охрид, како посебна делегација, евидентно е дека за службата за информирање во локалната беа најважни од сите присутни. Исклучиво фотографиите од Цер, на кои се наоѓаат тие тројца, за надлежната служба се достојни за објавување.

Ете така локалната самоуправа „објективно и независно“ ја информира охридската јавност за нејзините активности. Згора на се‘, на градскиот плоштад од страна на општинскиот протокол беше направена невидена збрка и забуна со редоследот на делегациите што полагаа свежо цвеќе на споменикот, што само ја покажа неспособноста да се одвојат професионалните од ситните партиски интереси. Сето ова само уште еднаш ги докажа нашите тврдења дека политичкото полтронство, нестручноста, непрофесионалноста и партиските додворувања наголемо владеат и доминираат во општинските служби, дури и во свечени моменти и случувања, кои се значајни за сите граѓани, без оглед на нивната партиска, верска, етничка или национална припадност.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Охрид.