Танасоски: На Македонија и се потребни промени за нов почеток

СДСМ како најголема опозициска партија, уште на самиот почеток на изборната кампања, упати недвосмислена јасна порака дека ќе даде конструктивен допринес и искрена заложба за организирање и спроведување фер, демократски и регуларни избори. Вака рече кандидатот за пратеник на СДСМ во 5-тата ИЕ, Ѓоко Танасоски, на денешната прес конференција.

„Излеговме со комплетен, чесен пристап пред граѓаните, добро осмислена и реална изборна програма, натпартиско решение за кандидат за претседател. Понудивме натпартиски листи во кои спротивно на досегашната пракса не е застапено раководството на партијата, со што сакавме да покажeме дека не е најважен личниот интерес, туку е интересот на граѓаните и на Македонија. Нашата намера беше да и се даде шанса на демократијата во Македонија, па дури и на власта, за да не посегне по системски контроли кои се случија во првиот изборен круг. Овие избори покрај низата нерегуларности, меѓу кои и притисоци и уцени на гласачите вработени во јавната администрација и во државните институции, поткуп на социјално ранливите категории граѓани, постоењето на фантомски гласачи што имаат адреса на живеење во Избирачкиот список, која во реалноста не постои, издадени лични карти на непостоечки адреси, закани кон акредитирани набљудувачи на невладини организации и претставници на политички партии дури и пред преставниците на изборните одбори, ќе бидат запаметени и по срамното разобличување на власта и моралната општествена деградација.“– истакна Танасоски.

Танасоски рече дека концептот на СДСМ е јасен наместо во минатото ќе инвестираат во иднината, наместо во историја ќе инвестираат во образованието, како што кажа наместо мегаломански проекти ќе инвестираат во здравството, наместо во мермер и бронза ќе инвестираат во инфраструктура, наместо криминалот и корупцијата тие ќе им дадат шанса на младите со подршка на нивните бизнис идеи и отворање на нови работни места, наместо национализам и лажен патриотизам ќе граделе демократско и толерантно општество.

„Затоа уште еднаш, сакам да испратам порака, кон сите оние кои се под системска контрола на власта: државната администрација, земјоделците со субвенциите, примателите на социјална помош, но и кон сите кои не го дадоа својот глас во првиот изборен круг, дека сега, , имаат можност да гласаат за промени за нов почеток. На Македонија и се потребни промени за нов почеток. Се надевам дека секој од нас ќе се одважи, ќе излезе и ќе гласа онака како што мисли, како што чуствува дека е најдобро за иднината на своите деца. “– потенцира Танасоски.

На денешниот прес, како што рече тој се обратил не само како кандидат на листата за пратеници на 5-тата изборна единица, туку најнапред како граѓанин на Охрид, како граѓанин на Република Македонија. 

„Во недела на 27 ми, сите ние ќе треба да дадеме одговор за тоа во каква Македонија ќе сакаме да живееме: обезличена, сиромашна, земја на криминал и корупција, страв и закани или просперитетна, демократска, богата, европска Македонија. Ве повикувам да гласате за промени. Ве повикувам да го дадете својот глас за нов почеток, за подобра иднина.“– заврши Танасоски.

WebOhrid