Со „фалс“ известување сакал да се стекне со право на користење на деловен простор

СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против М.И. (55) од Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело – “фалсификување исправа“ по чл. 378 од КЗ на РМ.

Пријавениот иако знаел дека за стекнување на право на користење на деловен простор кој е во сопственост на Р.Македонија е потребно да се достават документи издадени од соодветни државни институции, со намера на незаконит начин да се стекне со право на користење на деловен простор КО ЦЕНТАР 1, а коj е во сопственост на Р.Македонија, направил и употребил лажна исправа Известување, наводно издадено од Министерство за транспорт и врски.

Така, на 09.04. 2013 година, до СВР Скопје е доставено известување од Министерство за транспорт и врски, во кое било наведено дека до Министерството М.И. доставил барање со кое барал да му се издаде акт со кој ќе му се потврди користење на деловен простор и во прилог доставил Известување наводно издадено од Министерство за транспорт и врски.

Од извршените проверки и увид во документацијата на Министерството, констатирано е дека барањето на име М.И. било поднесено во архивата на министерство но по негово разгледување било утврдено дека истото не било со вистинита содржина, односно бил искористен меморандумот и печатот на Министерство за транспорт и врски, додека потписите на известувањето не биле на службените лица наведени во истото. Исто така, утврдено е дека архивскиот број на известувањето не се совпаѓал, односно не постоел предмет во Секторот за документирање и управување со градежно земјиште заведен под тој број, а Министерство за транспорт и врски воопшто и не било надлежно за давање на известување со таква содржина.

Во Агенција за катастар на недвижности е утврдено дека пријавениот поднел Пријава за запишување на промена во катастар на недвижности и во прилог на документацијата повторно го употребил како вистинито Известувањето во кое било наведено дека деловниот простор на ул.Београдска бр.85 истиот го користи. Иако знаел дека услов да се стекне со право на користење на деловен простор е да има склучено Договор за закуп, а бидејќи не го исполнувал тој услов и немал таков договор, го изготвил лажното Известување и заедно со останатата документација го употребил во прилог на Пријава за запишување на промена во катастар на недвижности каде бил оформен предмет и било извршено запишување на правата на недвижности кои во системското запишување останале незапишани со прибележување во лист Г дека деловниот простор го користи пријавениот.

Меѓутоа, подоцна од Агенција за катастар на недвижности била донесена Потврда за отстранување на техничка грешка во катастарот на недвижности -по службена должност, со која се потврдува дека по предметот оформен по службена должност, било извршено отстранување на техничката грешка при одржување на востановениот катастар на недвижности за КО Центар 1, со кој извршеното запишување на прибележување, по однос на право на користење на име на пријавениот било избришано од причина што известувањето не претставувало основ за запишување.

Инаку, М.И. е веќе познат на Службата и против истиот е поднесена кривична пријава за извршено кривично дело – “затајување“ за што од надлежен суд му е изречена парична казна.