Репрезентација до 21 година утре во 18:00 часот на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје ќе го одигра шестиот натпревар во квалификацискиот циклус за пласман на следното Европско Првенство кое наредната година се одржува во Чешка. На прес конференција во „Куќата на фудбалот“ свое видување за средбата дадоа селекторот Бобан Бабунски и фудбалерите Стефан Ашковски и Дарко Мицевски.
„Имаме неколку нови млади играчи. Станува збор за фудбалери, што ги следиме извесен период. Тие активно настапуваат во своите клубови и апсолутно имаат потенцијал за да бидат носители на У-21. Португалија е силна репрезентации. Први се во групата, имаат силни индивидуалци. На првата средба во поголемиот дел од тој меч бевме рамноправни. Со големи и силни противници сме посебно мотивирани, на домашен терен играме посебно добро. Се држевме добро во првиот час од натпреварот, а потоа се разнишаа линиите во нашата игра, па противникот стигна до триумф. Очекувам овојпат да бидеме многу покомпактни во сите 90 минути и да се обидеме да оствариме позитивен резултат.“ – истакна на прес-конференцијата, селекторот на младата репрезентација, Бобан Бабунски.
„Португалија е одличен противник, ќе дадеме се од себе на домашен терен да обезбедиме што е можно поповолен резултат.“ – вели Стефан Ашковски.
Во слична насока се движат и размислувата на Дарко Мицевски: „Португалија е силна селекција, но ќе се обидеме да ги искористиме нивните слабости. Кога играм за Македонија е нешто посебно. Деновиве ја анализиравме репрезентацијата на Португалија. Ја повикувам публиката да дојде да не бодри и заедно да направиме добар резултат.“
Приходот од утрешниот натпревар меѓу младите селекции на Македонија и на Португалија, како што претходно објавија од ФФМ, ќе биде дониран во хуманитарни цели, за помош на погодените подрачја од поплавите во Србија, БиХ и во Хрватска.