Притворен кичевчанец поради обид за убиство

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени делa „Убиство во обид“ и „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Кичево  против М.Б. (53) од Кичево поднесе кривична пријава. Него одредена му е мерка притвор во траење до 30 дена.

На 21-ви овој месец, М.Б. со намера да го лиши од живот, испукал повеќе куршуми кон неговиот брат В.Б. нанесувајќи му тешки телесни повреди-фрактура на череп и влезно-излезна рана во пределот на главата.

Настанот се случил околу 10 часот откако сега притворениот М.Б. пристигнал во домот на неговиот брат на улицата „Исеин Акиноски“ во Кичево. Во дворот од семејната куќа веднаш настанала меѓусебна вербална расправија поврзана со имотно-правен спор по што М.Б. извадил пиштол марка „Црвена застава“ калибар 6,35 милиметри што неовластено го поседувал и кон неговиот брат испукал повеќе куршуми. Набрзо потоа, тој е приведен во полициската станица во Кичево. 

На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител и полициски службеници и притоа пронајден е пиштолот како и два куршуми калибар 6,35 милиметри. При претрес во неговиот дом, полициските инспектори пронајдоа вкупно 22 парчиња пиштолска муниција различен калибар. 

Одземеното огнено оружје и муницијата се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.