Театарската манифестација „Аеродром се смее“ која беше организиранa првпат минатата година во општината Аеродром, оваа година прераснува во меѓународна и натпреварувачка. Фестивалот ќе се вика „Гола месечина“, го организираат Театар Комедија и Општина Аеродром со поддршка на Министерството за култура и ќе трае од утре до крајот на месецов.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека меѓу приоритетите на Министерството е локалниот културен развој и затоа се вклучува во поддршка на манифестации во општините низ државата. Меѓу нив е и „Топол културен бран“ чија цел е достапност на културата до сите македонски граѓани, како и посебните културни програми во градовите со туристички потенцијал.
„Посебно ме радува што општина Аеродром ќе има меѓународен фестивал – еден од новите манифестации кои сум уверена ќе прераснат во традиционални и ќе ги збогатат културните содржини за сите граѓани во летниот период. Овој фестивал е доказ за успешната соработка меѓу локалната и централната власт во областа на културата,“ рече Канческа-Милевска.
Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски истакна дека целта на фестивалот е да се збогати културниот живот во општината. – Сигурен сум дека претставите ќе ги посетат голем број граѓани и ќе има многу смеење, со оглед на тоа дека се од жанрот комедија, рече Коневски.
Изведбите се од 21 часот на отворено, на игралиштето кај Паркот на езерата, а влезот е слободен. Во трка за четири награди (за режија, машка улога, женска улога и гран-при за претстава) се седум претстави-комедии.
Пет се домашни: „Хамлет во пикантен сос“ во режија на Александра Карделевска, во продукција на Театар Комедија, „Сомнително лице“ на режисерот Синиша Евтимов и МНТ, „Без паника“ во режија на Благој Мицевски и Битолски театар, „Подземна комедија“ во режија на Деан Дамјановски и театарот „Антон Панов“-Струмица, и „Солунски патрдии“ во режија на Коле Ангеловски во продукција на Драмскиот театар. Гостуваат две претстави од соседството – „Хамлет во Долна Мрдуша“ режирана од познатиот босански актер Мустафа Надаревиќ, во продукција на Народно позориште од Тузла, и „Пукна срам“ од белградска приватна продукција – дуо-драма во која учествува македонската пејачка Тијана Дапчевиќ.
Во чест на наградените, на 30 јуни ќе биде изведена премиера на „Многу врева за ништо“ од Шекспир во режија на Дејан Пројковски, во продукција на Театар Комедија.
За наградите ќе одлучува тричлено жири: актерот Петре Темелковски (претседател), режисерката Александра Карделевска и композиторот Оливер Јосифовски (членови). Наградите се парични, а од трката за нив е изземена претставата на организаторот – Театар Комедија, соопшти денеска на прес-конференција директорката Јелена Жугиќ. Таа очекува посетеност како и лани и дека намерата на жителите на Аеродром и на сите други заинтересирани граѓани нема да биде попречена од временските услови или од преносите од тековното светско првенство во фудбал.
„На комедијата многу малку и се посветува внимание на фестивалите, секогаш била тргана настрана како понесериозен жанр или жанр за пошироките народни маси. Но од нашето постоење, од 2012 година, сериозно котираме и во македонскиот театарски етер и освојуваме награди на нашите фестивали, како „Војдан Чернодрински“ и „Охридско лето“. Овој потег на Општина Аеродром и Министерството за култура има големо значење – поставување на комедијата на исто ниво во однос на останатите театарски жанрови“, рече Жугиќ.
Министерството за култура поддржува над 150 меѓународни фестивали. „Гола месечина“ е еден од 20-те фестивали од драмската дејност поддржани во годишната програма, а еден од трите нови манифестации од театарската дејност кои годинава имаат прво издание.