СДСМ: Јавното претпријатие „Дебрца“ работи со загуби

ОО СДСМ Дебарца испрати соопштение во кое стои:

„Општинското комунално претпријатие „Дебрца“ – Белчишта поради лошото менаџирање освен што се соочува со низа проблеми и неможност квалитетно да ги извршува дејностите за кои е основано (секојдневни проблеми во водоснабдувањето, неисчистени патишта и улици, неисчистени диви депонии, проблеми во одржувањето на јавната чистота) се соочува и со финансиски проблеми. Тоа е видно од кварталниот финансиски извештај на јавното претпријатие за периодот 01.01.-31.03.2014 година, кој беше на дневен ред на последната седница на советот на општината Дебарца и истиот не беше поддржан од петте советници на СДСМ. Според финансискиот извештај во првиот квартал јавното претпријатие работело со негативни финансиски резултати, односно со загуба од 68.697,оо денари. За споредба само, во првиот квартал од минатата година, во периодот на поранешното раководство јавното претпријатие работело со добивка од 139.184,оо денари. Притоа, симптоматично е тоа што загубата е направена во период кога јавното претпријатие го прошири вршењето на своите услуги , како на пример вршење на комуналната услуга-собирање на комуналниот отпад во најголемата населба во општината, село Мешеишта, со што се обезбеди со нов извор за генерирање на приходи.

Причината за ваквата состојба освен во лошото менаџирање треба да се бара и во новите вработувања, направени без финансиски поткрепена анализа, вработувања вршени по партиска директива и исклучиво на партиски кадри. Дека е тоа така најдобро може да се илустрира од направените трошоци за бруто плати. Така, во првиот квартал од 2013 година за бруто плати се потрошени 473 559,00 денари, а во првиот квартал во 2014 година за истата намена се потрошени 652.877,оо денари.“ – се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ОО СДСМ Дебарца.