Во Охрид утре ќе се одржи ревијално возење моторцикли

По повод воспитно-едукативната акција „Недела за безбедност на моторциклистите во Република Македонија“ утре напладне во Охрид ќе се одржи ревијално возење моторцикли. Целта на акцијата е испраќање порака за поголема безбедност на моторциклистите во сообраќајот поради нивната се поголема присутност во сообраќајот.

Утрешното ревијалното возење моторцикли низ сообраќајниците на Охрид што ќе почне од градскиот плоштад, треба да ја покаже заложбата на членовите на моторциклистичките клубови и здруженија на моторциклисти од Охрид за безбедно и внимателно управување моторцикл, почитување на сообраќајните правила и прописи и задолжително користење на заштитните шлемови. Планираното демонстрирање на безбедно возење моторцикл со практично и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи е порака за сите учесници во сообраќајот пред се за возачите на патнички и други моторни возила, но и повик до нив за целосно придржување до сите сообраќајни правила и прописи.

Со цел успешна реализација на акцијата и подигнување на нивото на соработка со моторциклистичките клубови и здруженија на моторциклисти, деновиве во СВР Охрид се одржа заедничка едукативна средба со повеќе моторциклисти. Нив им беше поделен едукативен материјал што утре ќе треба да го поделат на сите присутни моторциклисти. Ревијалното возење моторцикли низ сообраќајниците на Охрид, ќе се реализира со присуство на мотопатролите на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај.

Акцијата „Недела за безбедност на моторциклистите во Република Македонија“ со ревијално возење моторцикл, утре во 16 часот ќе се реализира и во Струга.

Оваа акција е заеднички проект на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.