Двата сериозни документи од УНЕСКО поврзани со Охрид, објавени на интернет сајтот од УНЕСКО (whc.unesco.org/document/128398 и whc.unesco.org/document/129114) покажуваат дека СДСМ, за жал, беше потполно во право кога зборуваше за бескрпулозниот армирано-бетонски атак врз нашето природно, културно и историско надледство на Плаошник (Имарет), како и врз нашите духовни и световни традиционални вредности, истакнa на денешната прес конференција претседателот на ОО на СДСМ Охрид,Томислав Тунтев.
„Поразително и жалосно е што тоа требаше странци да им го укажат на надлежните државни и општински инстутуции, па да се сфати големината и сериозноста на проблемот. СДСМ реагираше пред повеќе од година и половина, кога веќе беше забележливо дека изградбата на објектите на Плаошник го надминува габаритот на првобитниот проект. Реагиравме минатата година и во локалната самоуправа со советнички прашања; укажувавме, анимиравме, ги повикувавме надлежните да реагираат; зимата баравме да ни организираат средба со стручната комисија од УНЕСКО. Но, власта остана глува, очигледно водејќи се исклучиво од свој интерес, а јавноста остана без било каква валидна информација. Дури власта тогаш тврдеше дека не постојат извештаи со забелешки на УНЕСКО. Сега, според стручните препораки во извештајот на УНЕСКО, тоа што се гради на Плаошник може да има сериозни негативни влијанија врз постоечкиот локалитет. УНЕСКО укажува дека е неопходна сериозна и значајна ревизија на проектот за изградба на сосема несоодветните армирано-бетонски зданија. Ние сакаме да веруваме дека конечно одговорните лица во надлежните институции во државава ќе се вразумат, дека ќе ги преземат сите неопходни мерки и активности во согласност со препораките на УНЕСКО и дека конечно ќе престане загрозувањето и уништувањето на нашето природно, културно и историско наследство на Плаошник (Имарет) во Охрид.“ – посочи Тунтев.
Тунтев рече дека тие очекуваат, исто така, дека ќе биде лоцирана и конкретна одговорност за настанатите грешки и пропусти, и дека јавноста ќе биде информирана кој ќе сноси одговорност.
„Не смееме никогаш повеќе да доаѓаме во ситуација странци (туѓинци) да не‘ учат и да ни кажуваат како треба да се грижиме за нашето вековно природно, културно и историско наследство, затоа што тоа е завет до нас од нашите славни предци и залог за нашите идни генерации.“ – рече Тунтев.
Потенцира дека, СДСМ и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на Плаошник (Имарет) и ќе продолжи да делува во насока на доследно почитување на нашите вековни духовни и световни традиционални вредности.