Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, придружуван од Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, денеска беше во работна посета на Центарот за обука на вода во Охрид, каде се спроведуваат подготовки за воено-показната вежба што на 16-ти овој месец ќе се изведува на Охридското Езеро.
При посетата претседателот Иванов се запозна со капацитетите, работата и извршувањето на задачите на овој центар, и се сретна со припадници на полкот за специјални операции на АРМ кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода.
„Тука ги видовме сите услови што ги нуди кампот за обуките потребни за припадниците на АРМ, што ги исполнуваат сите НАТО стандарди за обука, особено на специјалните сили и нивна подготовка за изведување соодветни активности, рече претседателот Иванов.
Самата вежба е предвидено да се одржи на 16-ти овој месец во водите на Охридското Езеро кај Радожда, во која покрај редовните единици ќе биде вклучен и Полкот за специјални операции.
„На вежбата ќе се демонстрира подготвеноста на Армијата за дејствување и реакција во специфични услови и активности на вода. Тоа е еден вид подготовка и тренинг за реакција на Полкот со соочување со какви било предизвици”, истакна претседателот Иванов.