Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана” во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето”, како и светски познатиот сопран, оперската ѕвезда од Италија, Барбара Фритоли, италијанскиот баритон Лео Нучи и аргентинскиот диригент Луис Горелик, со чии настапи свечено ќе биде отворено годинешното 54 –то издание на фестивалот.
Во пресрет на утрешното отворање на „Охридско лето”, македонскиот претседател изрази задоволство од годинешната програма, посочувајќи дека фестивалот дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика.
Претседателот Иванов им посака добредојде на светски познатата оперската ѕвезда од Италија, Барбара Фритоли и на останатите уметници, и посака успешен настап на утрешното отворање на фестивалот. Претседателот Иванов поздравувајќи го учеството на уметниците на една од нашите најзначајни културни манифестации, изрази очекување дека нивниот настап ќе даде посебен белег на ова издание на „Охридско лето”.
Барбара Фритоли се заблагодари за гостопримството и изрази задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, дополнувајќи дека првичните импресии од фестивалот и организаторите се исклучително позитивни и дека прекрасно се чувствува во Охрид и Македонија.
На средбата, организаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за досегашниот тек на подготовките со надеж дека овогодинешниот фестивалот „Охридско Лето” ќе биде успешен културен настан, со учество на голем број странски уметници од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид.
Годинешново 54-то издание на културната манифестација Охридско лето ќе се отвори утре, со гала концерт посветен на Џузепе Верди на кој ќе настапат Барбара Фритоли – сопран од Италија, Лео Нучи – баритон од Италија и Македонската Филхармонија под диригентство на Луис Горелик од Аргентина.