Фудбалскиот клуб „Сатеска“, на вчерашниот состанок на кој се расправаше за организацијата на 17-то издание на Турнирот во мал фудбал „Богородица Куп“ с.Волино едногласно одлучи годинешното издание на „Богородица Куп 2014“ да биде во чест на прерано починатата легенда на „ФК Сатеска“, Зоче Бутрагењо и да има меморијален карактер, односно „Богородица Куп 2014 – Меморијал Зоран Митрески (1970 – 2013)“.
„Името на Зоран Митрески – Бутрагењо со златни букви засекогаш ќе биде врежано во богатата историја на ФК „Сатеска“, како најдобриот стрелец на Клубот на сите времиња. Повеќе од две децении ги освојуваше срцата на сите љубители на фудбалот, беше вистински виртуоз на фудбалската игра, кој велемајсторски баратеше со топката, елегантно и со ноншалантен шарм. Неговиот фудбалски талент беше забележан уште како малечко дете и не случајно неговата прва фотографија на членската книшка беше фотографијата како првооделенец. За своите раскошни фудбалски потези го доби прекарот по еден од најдобрите шпански фудбалери, Емилио Бутрагењо, со кого многу си наликуваше и по луцидноста за постигнување на голови и по својот физички изглед. Во својата успешна фудбалска кариера, освен за ФК „Сатеска“ играше и за ФК „Славеј“ – Мешеишта, ФК „Бигор“ – Слатино, ФК „Велешта“. Беше голем џентлмен и другар и надвор од фудбалскиот терен. Тоа добро го знаат сите кои имаа привилегија да се дружат со него. Секогаш беше спремен да помогне за секого, за клубот и за нашето Волино.“ – велат од ФК Сатеска, Волино.
Беше одлучено од оваа година главната награда која се доделува на Богородица Купот, наградата за најдобар играч на турнирот да биде парична и да го носи името „Зоран Митрески – Бутрагењо“.
Годинешното издание на Богородица Купот ќе се одржи од 08.08. – 28.08.2014 година.