Полицајците како и сите останати вработени ќе имаат можност да го продолжат работниот стаж и да изберат кога ќе одат во пензија, истакна премиерот Никола Груевски.
Имено, за полицајците има специјален закон според кој тие заминуваат во пензија со 40 години работен стаж, од кои 30 се ефективни, а 10 се бенифициран стаж.
„Со дополнителните измени кои следуваат ќе се овозможи тие да заминуваат во пензија со 45 години стаж, вклучувајќи го и бенефицираниот и да може да бираат дали ќе одат во пензија со 40 или 45 години стаж“, изјави Груевски.
Тој посочи дека измените на законот се веќе поминати на Влада, а наскоро ќе бидат пуштени и во собраниска процедура. Давањето можност за зголемување на старосната граница за одење во пензија до три години, потенцираше Груевски, е чекор кон давање на повеќе права на работниците.
Извор: Нет Прес