Раководството на СДСМ се сретна со американскиот амбасадор Пол Волерс

Шансите за евро – атлантска перспектива на Македонија, неопходноста од демократски капацитети за решавање на проблемите во државата и состојбата со меѓуетничките односи во земјава беа темите на разговор на средбата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар, Оливер Спасовски со американскиот амбасадор, Пол Волерс.

Претседателот Заев изрази очекување дека власта ќе ја сфати одговорноста што ја има, посебно пред есенскиот извештај на Европската комисија и дека ќе ги прифати предлозите на СДСМ за надминување на политичката криза.

СДСМ останува цврсто на ставот дека нема да се врати во Парламентот додека се постигне договор по сите 5 барања на опозицијата. Клучен останува договорот за споделена одговорност на власта и опозицијата за обезбедување услови за спроведување на договореното по 4-те точки и за слободни и фер избори, што СДСМ предлага да се реализира преку формирање техничка влада.

Суштинско во овој предлог е власта да не ги има под своја контрола ресорите преку коишто спроведува системска контрола и притисоци врз гласачите, кои немаат можност слободно да ја изразат својата волја.

Американскиот амбасадор Волерс рече дека го следат развојот на политичката и економската ситуација во Македонија, како и меѓуетничките односи и капацитетите на државата за надминување на проблемите.

На средбата стана збор и за функционирањето на судскиот систем во Македонија, како и за тужбата на премиерот Никола Груевски против претседателот Зоран Заев.

Zaev, Volers