Писмо: Кој и зошто ја заборава НОБ ?

По осамостојувањето,за жал,имаше и има периоди во кои се омаловажува НОБ и борбата против фашизмот,а некогаш и сега се негираат и нејзините успеси и нејзините херои.

Со пепел не можат да се покријат за да се заборават 24 илјади млади луѓе кои ги дадоа животите(највредното кај човекот) свесни за своето загинување,но уште посвесни дека со нивната жртва ќе се создаде македонска држава кон која се стремеле нивните прадедовци,дедовци и татковци во последните стотина години.Република Македонија дефинитивно треба да ја напушти’’инвалидската количка’’во која е сместена,не може да остане трајно нејасно,по чија вина не може да се исправи на своите вистински нозе и кој има намера на погрешен начин да “чепка” во коренот на нејзиното настанување.

Народот што живее на сегашниот простор од Република Македонија,во Втората светска војна постигна две големи цели:придонесе во победата над фашизмот и создаде држава Република Македонија.

Тие две големи придобивки претставуваат несрушлив темел врз кој сегашните и идни генерации ќе го градат духовниот столб за да се надминува злото,а да се гради и развива доброто. Да се замени крвта со меѓусебното разбирање.

Да се замени омразата со љубов меѓу луѓето.

Да се заменат делбите со зближување и обединување.

Да се создаде општество на благосостојба во кое сите ќе се чувствуваме среќни.

Т.А.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.