Во недела свечено ќе биде отворен фестивалот „Piano Summer Ohrid“

За прв пат во Охрид, од недела 17-ти  до 27-ми август ќе се одржи фестивал од светски рамки и меѓународна летна академија „PIANO SUMMER OHRID“, во организација на здружението КЛАВИРСКО ЛЕТО, оформено од страна на македонски и странски државјани меѓу кои и реномирани уметници. Целта е како што велат организаторите, да се оствари контакт меѓу врвните светски музичари и младите таленти кои ќе имаат можност да ги прошират своите уметнички видици, а исто така со концертните настапи да се претстават во јавноста.

На денешната прес-конференицја, која се одржа во ОМУ „Методи Патче“, генералниот менаџер на „Ohrid Summer Festival“, Јана Бегин, најпрво изрази благодарност до Општината Охрид,  Охридско лето, до директорката на музичкото „Методи Патче“, Нина Момировска, како и  до гостите од Германија, за кои како што кажа го поддржаа остварувањето на овој проект.

„Самата идеја за организирање на една ваква летна академија поттикна од нашето пријателство, за почеток. Вакви академии сме организирале досега во Верона, во Италија, Во Германија и на др. места.Тоа е најнорамално во музичкиот свет, на класичната музика, значи летни академии на убави локации, инспиративни каде што уметниците ќе дојдат, ќе имаат одмор, а вооедно и ќе се усовршуваат професионално. Ние се одлучивме да одржиме ваков фестивал во Охрид, бидејќи Охрид со својата природна убавина плени , и исто така има богато културно наследство и едукативно уште од времето на Св.Климент“. –  истакна Бегин.

PianoSummerPress02

Во рамки на фестивалот ќе се организира и Меѓународна летна академија за пијано која ќе биде под водство на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде, со долгогодишно искуство на музичките академии во Берлин, Детмолд, Токио, Вајмар, воедно и претседател на музичката академија во Минхен кој се вбројува меѓу најбитните претставници на германската клавирска традиција.

На академијата свое учество ќе земат веќе етаблирани имиња на пијано сцената како што се Димитриј Романов од Русија, Хјун Сон Текин од Јужна Кореја, Масако Сакаи и Мику Нишимото од Јапонија, Зоран Имшировиќ од Босна и други пијанисти како и млади таленти од земјите од регионот.

Меѓу учесниците на фестивалот има и професори од музички академии во Турција, Оман и Србија.

„Голем луксуз и големо наше задоволство е тоа што учесниците на оваа летна академија се универзитетски професори – концертни пијанисти. Имаме многубројни концерти и се потрудивме од име на нашата организација да понудиме на публиката една разновидна и богата програма која стилистички се базира на тоа да имаме ист концерти на камерна музика, модерна музика, која на нашето поднебје е малку запоставена. Мислам дека ова е една од првите академии, прв фестивал од ваков тип не само во Македонија туку и во целиот регион и по својата концепција е многу специфична бидејќи обединува принцип на летна академија со модел на фестивал. Бројот на активни учесници оваа година е 14.“ – изјави реномираниот пијанист, Зоран Имшировиќ од Босна, уметнички директор на фестивалот „Piano Summer Ohrid“.

PianoSummerPress03

Покрај едукативните часови кои што ќе се одржуваат во просториите на музичкото училиште Методи Патче во Охрид, секој ден ќе бидат организирани и вечерни концерти, на кои ќе настапуваат учесниците на академијата. Концертите ќе се одржуваат во салата на општина Охрид и на отворено во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“. За свеченото отворање и затворање на фестивалот се предвидени гала концерти, кои ќе се одржат во црквата Света Софија.
Како посебна атракција за љубителите на музиката ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржи на 24-ти на отворено, во центарот на Охрид, а на кој ќе настапуваат и специјални гости.

Исто така во состав на фестивалот ќе се одржат и две предавања на музичка тема, кои ќе ги водат пијанистите Тимеа Шари од Унгарија и Марија Динов од Србија.

Учесниците на меѓународната летна академија и фестивалот „PIANO SUMMER OHRID“ со нетрпение го чекаат почетокот на фестивалот, како поради музичката дружба, така и поради Македонија и самиот град Охрид, кој за нив претставува егзотична дестинација.

„Многу сум среќна и горда сум што заедно го создадовме овој концепт и што ќе донесеме пијано култура од висок калибар на ова прекрасно место со културно наследство, култура и природа. Убедени сме дека овој концепт ќе помогне за развој на туризмот и културата во Охрид, дека ќе ги привлече и заинтересира вистинските луѓе.“ – рече на денешната прес-конференција Катерина Ле Пиери од Германија, член од здружението кое го организира проектот.

Со оглед дека „PIANO SUMMER OHRID“ се одржува за прв пат и е организиран во рекордно краток рок од само 2-3 месеци, велат организаторите, неговата реализација не би била можна без несебичната помош и поддршка од страна на градот Охрид, Охридско лето, Концертниот сервис Акритериум и сите поединци кои ја препознаа вредноста на Фестивалот и на свој начин допринесоа во неговото реализирање.

Желбата на организаторите е овој пијано фестивал во иднина да прерасне во традиционален настан.

Фестивалот свечено ќе биде отворен во недела 17-ти август во црквата Св.Софија со почеток во 19:30 часот.

WebOhrid