Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес се обрати на отварањето на шестата меѓународна конференција „ИКТ Иновации2014” која се одржува во Охрид.
Во своето обраќање министерот Ивановски укажа на активностите што се преземаат во Република Македонија за отворање на податоците што ги поседуваат државните институции.
„Македонија како 32 држава потписник на Договорот за отворено владино партнерство се обврза да ги отвара податоците и веќе сме едни од лидерите во светот по бројот на отворени податоци, и тоа не само во облик достапен за граѓаните, туку и во машински формат за истите податоци да можат да се порцесуираат, од нив да се создаваат мобилни или веб апликации, односно истите податоци да добијат нова додадена економска вредност”-изјави министерот Ивановски.
Конференцијата ИКТ Иновации 2014 е организирана од асоцијацијата ИКТ-АКТ, која обединува универзитетски професори по информатика и компјутерско инженерство од Република Македонија, и е поддржана од повеќето универзитети по информатика во земјава.
На собирот учествуваат 244 универзитетски професори по информатика и компјутерско инженерство, автори од 46 држави.
Во Охрид денес беше затворена и 18-тата Конференција за достигнувања во доменот на базите на податоци и информациони системи – АДБИС.